
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека во текот на изминатата ноќ, енергетската инфраструктура на земјата била нападната од руски напади во регионите на Днепропетровск, Виница, Житомир и Хмелницки.
„Трафостаниците, трансформаторите и далноводите што ги снабдуваат домовите на нашите граѓани со електрична енергија се цел на напади. Екипите за поправка работат на сите локации. Во овој момент, стотици илјади семејства се уште се без електрична енергија“, соопшти Зеленски во објава на платформата „X“.
Според него, „масовните руски напади врз друга критична инфраструктура во Украина, исто така, продолжуваат со несмалено темпо“.
„Во текот на изминатата недела, Русија лансираше 1.940 борбени беспилотни летала, повеќе од 1.580 наведувани воздушни бомби и 44 ракети од различни видови, вклучувајќи 36 балистички ракети, кон Украина. Интензитетот на нападите е исклучително висок, а Русите се обидуваат да го искористат максимално недостатокот на пресретнувачи на балистички ракети“, порача Зеленски.
Тој додаде дека Украина секојдневно укажува на потребата од ракети „Патриот“ и дека такво барање го упатува до Соединетите Американски Држави, Европа и другите партнери кои можат да помогнат.
„Во текот на овој месец, Соединетите Американски Држави и европските земји донесоа нови одлуки за дополнителни пакети помош за Украина. Сепак, реализацијата на овие испораки не смее да трае со години. Русија токму сега ја уништува инфраструктурата и ги убива нашите луѓе, а оваа зима особено се потпира на балистички ракети“, заклучи Зеленски.
Тој истакна дека, соодветно на тоа, „одлуките за воздушна одбрана мора веднаш да се спроведат“.