Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги повика лидерите на латиноамериканските држави што е можно поскоро да испратат помош за спас на енергетскиот систем на земјата, кој е под постојани руски напади. Апелот го упати вчера на 30-тиот Ибероамерикански самит во Мадрид, каде што побара помош во набавката на опрема за поправка на оштетената енергетска мрежа. Зеленски истакна дека во нападите „на еден или друг начин е оштетена“ секоја централа во Украина и побара меѓународна соработка за обнова на системот, пишува Euronews.

„Ни потребна е опрема што е компатибилна со нашата мрежа и ни треба брзо. Затоа ве молам директно да го поддржите поврзувањето со вашите компании и производни погони за тие испораки да стигнат во Украина во најкраток можен рок“, порача Зеленски.

На самитот учествуваат 22 држави, главно од Латинска Америка, во кои се зборува шпански и португалски јазик. Меѓу учесниците беа и шпанскиот премиер Педро Санчез, гватемалскиот претседател Бернардо Аревало, претседателот на Хондурас Насри Асфура, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста.

Зеленски на платформата Х напиша дека Украина од почетокот на војната се обидува да воспостави подобра комуникација за конфликтот со државите од Африка и Латинска Америка. Тој додаде дека ова е првпат Украина да биде претставена на овој самит. „Потребна ни е дипломатска поддршка од тие земји. Секој ден, секој месец и секоја година на Генералното собрание на ОН се отвораат важни прашања, а ние добиваме сè повеќе гласови од Латинска Америка“, објасни тој.

Украинскиот претседател ги повика лидерите да му се спротивстават на, како што рече, руското масовно убивање што се спроведува преку бомбардирање и со беспилотни летала. Тој ѝ се заблагодари на Шпанија за континуираната поддршка и ја нагласи итна потреба од техничка опрема, вклучувајќи трансформатори, енергетски кабли, електронска опрема, како и дизел и гасни генератори за одржување на инфраструктурата.

Честите руски напади врз енергетската инфраструктура последниве недели предизвикуваат загриженост од можна тешка зима. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, во вторникот оцени дека ситуацијата со снабдувањето во главниот град е „извонредно тешка“.

Посетата на Зеленски на Мадрид се одвива во време на напорите предводени од САД за оживување на мировните преговори меѓу Киев и Москва. Продолжувањето на трилатералните разговори е предвидено за следната недела во Обединетите Арапски Емирати.

Освен со Санчез, Зеленски се сретна и со шпанскиот крал Фелипе VI. Му изрази сочувство за судирот на возовите во Толедо и го извести за последиците од секојдневните руски напади. „Сега активно работиме со партнерите на зајакнување на нашата противвоздушна одбрана и подобра заштита на луѓето. Сметаме на поддршката од Шпанија во тој поглед“, напиша Зеленски.