
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази спротивставување на идејата за нова заедничка европско-руска безбедносна архитектура, за која вели дека за неа сакала да разговара американската страна. Ваквиот пристап го оценил како опасен за Украина и нагласил дека приоритет мора да биде завршувањето на војната.
Зеленски потврди дека слушнал за идејата за воспоставување заедничка европско-руска безбедносна инфраструктура. „Мене тоа воопшто не ми е едноставно и сметам дека тоа може да биде опасно за нас“, изјави тој. Појасни дека на сите партнери им пренел јасен став оти прво треба да се разговара за запирање на војната, додека некои сакаат да започнат со нова безбедносна архитектура.
Смета дека ваквиот редослед на потези е опасен, и тоа не само за Украина. „Всушност, е поопасно за Европската унија отколку за нас. Ние не сме дел од ЕУ“, додаде тој.
Зборувајќи за поддршката од САД, Зеленски рече дека добил уверенија за цврста поддршка и од новите членови на Конгресот и од Демократската партија. „Слушнав од новите луѓе кои ќе бидат во Конгресот, како и од Демократската партија, дека цврсто стојат на нашата страна“, изјави тој.
Истакна дека американските партнери не се обидуваат да воспостават рамнотежа меѓу Украина и Русија. „Не се плашат јасно да кажат дека Русија е агресор. Не сакаат да ја предадат нашата земја на Путин“, рече Зеленски. Врз основа на таквите ставови, додаде, Украина смета на уште поголема поддршка.
Украинскиот претседател ги коментираше и загинатите руски војници кои се наоѓаат на украинска територија. „Не плачам кога гледам дека гинат руски војници кои се на наша територија и кои ги убиваат нашите луѓе“, изјави тој.
Својот став го образложи со тоа што доаѓањето во Украина било нивни избор. „Избор на една личност. Тие војници не се слободни, но ги имаат своите раце“, рече тој. Одговорноста за нивната судбина му ја припиша на рускиот претседател. „Избор на Путин е тоа што ги турка на туѓа територија“, заклучи Зеленски.