Бројот на загинатите во руското бомбардирање на селото Комишуваха, во украинската Запорошка Област, се зголеми на 24, соопштија украинските власти, пренесува Асошиејтед прес.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди нападот, оценувајќи дека ваквите дејствија ја уништуваат секоја надеж за напредок кон мирот.

Според информациите објавени од украинските медиуми, руските сили на 2 ноември извеле серија воздушни напади врз Комишуваха. Првично била погодена училишна зграда што се користела за делење хуманитарна помош на локалното население.

Потоа следувал втор напад, при што биле фрлени уште девет авиобомби врз засолниште во кое се наоѓале луѓе.

Зеленски посочи дека руските сили не можеле да не знаат за намената на објектот и присуството на цивили, бидејќи токму таму секоја недела се доставувала хуманитарна помош за жителите кои останале во населеното место.

Украинскиот претседател оцени дека нападот е уште еден доказ дека Москва не покажува подготвеност за деескалација и вистински мир.

Според првичните информации од Запорошката Обласна воена администрација, во нападот имало 18 загинати и петмина повредени, но подоцнежните извештаи ја зголемија бројката на жртви на 24.