Украинскиот претседател Володимир Зеленски, по повод Меѓународниот ден на децата жртви на насилство, соопшти дека од почетокот на руската инвазија врз Украина се убиени најмалку 707 деца и дека Русија мора да одговара за тоа.

„Зад секоја бројка стои дете чија иднина е украдена. Русија мора да биде повикана на одговорност за овие злосторства“, изјави Зеленски на социјалните мрежи, пренесува Укринформ.

Украина и официјално на 4 јуни го одбележува сеќавањето на децата кои загинаа во руските напади врз таа земја. Одбележувањето на овој ден е востановено со резолуција на украинскиот парламент.

Меѓународниот ден на невините деца жртви на агресија се одбележува секоја година на 4 јуни. Тој е востановен со резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации на посебна седница за Палестина во 1982 година.