Украина е подготвена да ѝ помогне на Франција во борбата против разорните шумски пожари кои беснеат на нејзината територија, посебно со испраќање специјалисти за тој вид катастрофи, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски во телефонски разговор со францускиот колега Емануел Макрон.

Зеленски на социјалната мрежа „X“ рече дека го известил Макрон за содржината на своите разговори во вторникот во Белата куќа и во американскиот Сенат, во врска со тековниот судир со Русија.

Украинскиот претседател додаде дека за време на разговорот Макрон го спомал прашањето за пожарите во Франција.

„Украина е секогаш подготвена да им помогне на оние кои нè поддржуваа во текот на овие години борба против руската агресија. Ѝ понудив на Франција наша помош. Нашите специјалисти можат да им се приклучат на напорите за гаснење на пожарите“, додаде Зеленски.

Во Франција веќе со денови беснее огромен шумски пожар на југозапад, кај Бордо, каде што голем број мештани се евакуирани, мобилизиран е поголем број противпожарникари и војници, а уништени се неколку десетици илјади хектари земја, на подрачје познато по лозовите насади.