
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Иран веќе ја нападнал Украина во оној момент кога почнал да ѝ испорачува оружје на Русија и предупреди дека мора да се направи сè за да не се отвори нов фронт. Во разговор за Sky News тој ги коментираше и несогласувањата меѓу воениот врв и Министерството за одбрана, кои ги отежнуваат мобилизацијата и организацијата на противвоздушната одбрана, а изнесе и проценка дека рускиот претседател Владимир Путин се плаши од внатрешни проблеми и од сопственото општество.
Зеленски смета дека Иран и Северна Кореја веќе извршиле напад врз Украина. „Иран нè нападна во оној момент кога почна да ја снабдува Русија со оружје. Мораме да бидеме внимателни и да направиме сè што е во наша моќ да не се отвори нов фронт. Но, да бидеме искрени: Иранците и Севернокорејците веќе нè нападнаа“, рече тој. Изрази надеж дека нападите нема да ескалираат, но и порача дека Украина мора да биде подготвена на сè.
„На тие луѓе не можеме да им веруваме бидејќи Иранците дадоа оружје на самиот почеток, без каква било ескалација од наша страна“, објасни тој. Тој ја нагласи одлучноста во одбраната на земјата. „Ние сме на вистинската страна. На своја земја сме и во свој дом. Ова е моето семејство. Ова е мојата земја. Ја сакам оваа држава и никој не може да ме избрка“, порача тој.
Предупреди дека слабоста на Украина би ги охрабрила понатамошните руски агресии. „Ако покажеме слабост и ако Путин успее, сигурен сум дека ќе изгубиме сè — иднината на нашите деца и внуци. Тоа не смееме да го дозволиме бидејќи тој никогаш нема да запре. Мислите дека ќе застане само на Украина? Никогаш. Ќе ја продолжи војната“, тврди Зеленски.
Украинскиот претседател отворено зборуваше за проблемите во функционирањето на воениот апарат. Призна дека со месеци постоеле сериозни несогласувања во комуникацијата меѓу началникот на армијата и Министерството за одбрана. „Постојат работи со кои мораме да управуваме, а тоа е можно само ако министерството соработка со армијата. Не можете да водете процеси ако секоја страна влече на своја страна“, рече тој.
Како најголеми предизвици кои произлегуваат од тие несогласувања ги наведе мобилизацијата и противвоздушната одбрана. Истакна дека Украина би можела да се соочи со уште 500.000 руски војници. „Потребен ни е нов пристап кон мобилизацијата и нови чекори. Затоа ми е потребно единство меѓу тие две институции“, нагласи тој.
Додаде дека противвоздушната одбрана е втората клучна точка. „Немаме доволно антибалистички системи“, изјави тој и го критикуваше недостатокот на соработка. „Немам време за јалови расправии. Немам време да слушам една па друга страна затоа што тие не се подготвени да се состануваат секој ден. Мора да се состануваат секој час додека нашето небо не биде заштитено. Не ме интересира кој е во право, а кој не“, беше директен Зеленски.
Зеленски најави и планови за зајакнување на воената индустрија во соработка со партнерите. „Сакам да изградам голема фабрика за дронови во Британија, да понудам нови технологии и да ги споделам со нашите партнери. Подготвени сме да го споделиме целото наше искуство со Обединетото Кралство и се надевам дека и тие ќе го сторат истото“, рече тој.
На крајот ја изнесе својата проценка за ситуацијата во Русија. Смета дека Владимир Путин се соочува со сè поголем внатрешен притисок. „Неговите граѓани прашуваат: ‘Каде е бензинот? Што да правиме? Како да живееме без логистика? Без дизел?’ Ситуацијата за нив е навистина многу, многу тешка“, опиша тој.
Зеленски заклучи дека тоа е главниот извор на несигурноста на Путин. „Путин се плаши од сопственото општество, од внатрешните предизвици и од расположението на јавноста кон него“, смета украинскиот претседател.