
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот лидер Владимир Путин во Турција и изрази надеж дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган може да помогне во организацијата на тие разговори. Во интервју за CNN Türk, Зеленски ги оцени директните преговори на претседателско ниво како неопходни бидејќи досегашните контакти меѓу двете страни не успеале да ја запрат војната, пишува Kyiv Post.
„Подготвени сме за оваа средба во Турција. Знам дека претседателот Ердоган има свои врски со Путин. Затоа го поддржуваме одржувањето на средбата во Турција“, рече Зеленски. Тој смета дека средбата лице в лице би можела да помогне во решавањето на прашањата што останаа нерешени во преговорите меѓу делегациите и техничките работни групи.
„Токму затоа сакам да се сретнам со него – како со личност која ги донесува одлуките“, изјави тој. Според неговите зборови, главни теми на потенцијалната средба би требало да бидат прекинот на огнот и механизмот за надзор на почитувањето на договорот.
Тој додаде дека лидерите би требало да разговараат и за безбедносните гаранции, обновата на Украина, како и за статусот на окупираните територии. Зеленски, сепак, ги отфрли барањата на Путин Украина да го предаде Донбас или да го признае Крим како руска територија и нагласи дека таквите отстапки би го прекршиле украинскиот Устав.
Зеленски се осврна и на можноста за учество на самитот на лидерите на Г20 во Мајами во декември. Тој рече дека Украина сè уште нема добиено официјална покана од Вашингтон, но дека постојат сигнали дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да ја покани Украина во рамките на иницијативата за завршување на војната.
„Се разговараше за можноста претседателот Трамп да нè покани на самитот на Г20 и можеби да предложи иницијатива за крај на војната. Секако, доколку Трамп упати официјална покана, ние ќе ја прифатиме“, изјави Зеленски.
Соединетите Држави во септември го поканија Путин на самитот, со што се отвори можноста за средба меѓу рускиот лидер и Трамп. Кремљ претходно го одби предлогот на Зеленски за средба со Путин на маргините на тој собир.
Американскиот шеф на дипломатијата Марко Рубио завчера изјави дека Вашингтон би можел да го покани Зеленски доколку неговото учество би донело позитивни резултати, а таа можност не ја исклучи ниту Трамп.
Зеленски нагласи дека сите преговори за завршување на војната мора да ја вклучуваат Украина и ја отфрли идејата дека други земји би можеле да одлучуваат за нејзината иднина без учество на Киев. „Тоа е невозможно. Не можете да одлучувате за судбината на Украина без Украина.
Тоа би било неправедно и не би водело никаде. Нелогично е да се преговара за судбината на една земја без присуство на самата таа земја“, рече тој. Додаде дека сличните обиди на други лидери во минатото не дале резултати. Тој укажа и на неуспехот на Русија во постигнувањето на првичнитевоени цели.
„Русија, на пример, се сметаше себеси за велесила и тврдеше дека ќе ја освои Украина за три дена. Сега влегуваме во петтата година од војната. Русија веќе пет години не успева да ја покори Украина“, рече тој. Заклучи дека ниедна трета земја нема право да преговара за прашањата за украинскиот суверенитет без директно учество на Украина.