
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го искористи секој момент од својот краток престој во САД за да договори нови партнерства.
Откако во Белата куќа се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп, каде што одржаа „многу практична“ средба на која разговараа за „обновените дипломатски напори“, „лиценците за производство на пресретнувачи Патриот и неколку други идеи што би можеле да помогнат“ во војната со Русија, Зеленски се упати на уште еден важен состанок.
Како што објави на платформата „X“, тој се сретна со тимот на одбранбената компанија Локхид Мартин, производител на воена опрема и вооружување.
„Локхид Мартин е компанија што ги произведува АТАЦМС, ХИМАРС, Ф-16 и ракетите за системите Патриот. Денеска разговаравме за понатамошниот развој на нашата соработка – заедничко производство и размена на технологија. Украина има многу тоа да сподели со оние што ни помагаат во заштитата на животите. Разговаравме за нашите заеднички способности поврзани со „Патриот“ и со други системи. Нашите тимови веќе работат на конкретни решенија за што побрзо да преминеме на копродукција и да ги зголемиме нашите способности за заштита на животите. Ви благодарам за поддршката и за сета помош!“, објави Зеленски.
Се чини дека состанокот со Трамп бил поконкретен отколку што изгледа бидејќи, според сè изгледа, Украина наскоро би можела да добие „Патриот“ системи, како и уште некои други системи што би можеле да ѝ помогнат во одбраната од руските напади.