Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера му порачал на британскиот премиер Кир Стармер дека на Украина ѝ е потребно дополнително ракетно вооружување за системите за противвоздушна одбрана, објави Зеленски на платформата „Х“.

Тие разговараа и за прашањата поврзани со заштитата на украинската енергетска инфраструктура, како и за подготовките на земјата за претстојната зима, соопшти Зеленски.

Стармер вчера во Даунинг стрит беше домаќин на украинскиот претседател Володимир Зеленски, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, на разговори за европската поддршка за Украина и за напорите за ставање крај на војната.

По пристигнувањето во Лондон, Зеленски изјави дека со европските лидери ќе разговара за одбраната на Украина, за зајакнувањето на соработката во областа на противвоздушната одбрана, како и за можностите за дипломатско решение на конфликтот.

„Главниот фокус е нашата одбрана во војната, поголема соработка во однос на безбедноста на цела Европа во областа на воздушната одбрана и споделување на ставовите за дипломатските изгледи. Европа мора да биде дел од преговорите и мора да биде силна“, напиша Зеленски на „Х“ по пристигнувањето во Лондон