
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера оствари телефонски разговор со пратениците на САД, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, во обид да ги оживее преговорите за завршување на војната во Украина. „Благодарен сум им за нивната подготвеност во претстојните недели во најголема можна мера да се посветат на оживување на дипломатијата насочена кон завршување на руската војна против Украина“, објави Зеленски на социјалните мрежи по повикот.
„Свесни сме дека вниманието на светот сега е насочено кон ситуацијата со Иран. Но, нашата заедничка цел за мир во Европа и понатаму е на дневен ред“, продолжи тој, додавајќи дека водел „многу позитивен“ разговор додека престојувал на аеродромот во молдавската престолнина Кишинев.
„Разговаравме за перспективите во контекст на самитот на Г7, кој се очекува да се одржи во Франција во средината на јуни, како и за други настани во јуни“, појасни тој, додавајќи дека на своите соговорници им пренел информации за „намерите“ на Москва, пренесува АФП.
Украинскиот лидер повеќепати ја спомена можноста за посета на двајцата пратеници на Киев, што би била прва ваква посета од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. На почетокот на јуни тој се пожали дека организацијата на таа посета трае „многу долго“, признавајќи дека Иран во моментов е „проблем број еден“ за Вашингтон.
Во изминатите месеци, неколкуте рунди преговори со посредство на САД не успеаја да ги приближат Киев и Москва до договор, а тој процес сè повеќе се забавува како што вниманието на Вашингтон се пренасочува кон Иран.
Минатата недела Зеленски предложи средба лице в лице со рускиот претседател Владимир Путин за да преговараат за излез од конфликтот. Путин ја отфрли идејата, барајќи да се дефинира конечниот договор пред тие да се сретнат.
Руските власти бараат политички и територијални отстапки од Украина, вклучувајќи и целосно повлекување од Донецк, регион во источниот дел на земјата. Киев ги отфрла тие барања, сметајќи ги за еднакви на капитулација.