
Барањето на Клиниката за детски болести да се обезбедат согласности за ангажирање на педесетина вработени, кои од јануари навака работат на клиниката и без договори и без плати, од Министерството за здравство велат дека е испратено во Министерството за финансии и во Фондот за здравствено осигурување.
-Министерството за здравство постапува согласно своите законски надлежности и во рамки на утврдените институционални процедури. Во конкретниот случај, барањата доставени од ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести беа процесирани од страна на Министерството за здравство до надлежните институции, односно до Фондот за здравствено осигурување и Министерството за финансии, од каде што се обезбедуваат потребните мислења и согласности за ваков тип ангажмани, изјавија за „Локално“ од ресорот здравство.
Во петокот педесетина вработени на Клиниката протестираа пред Министерството за финансии, барајќи да им бидат исплатени петте заостанати плати и да им се реши статусот. Тие рекоа дека од јануари навака секој ден одат на работа, но останале без плати бидејќи од Министтерството за финансии не ги продолжиле согласностите за договорите на дело со кои се ангажирани. Некои од нив се пожалија дека со години како договорци се ангажирани на Клиниката.
Од Клиниката за детски болести по протестот изјавија дека овие педесетина работници, меѓу кои и медицински лица, но и технички и помошен персонал, се неопходни за да се одвива работата непречено.
Од Министерството за финансии досега не добивме одговор на прашањата зошто и како се случило вработените пет месеци да одат на работа без никаков договор и како ќе одговорат на барањето на Клиниката.
Од Министерството за финансии по средбата со вработените во петокот по протестот изјавија дека ги сослушале барањата, но дека постапуваат по закон. Според Финансии, на секое барање од буџетски корисник за нови вработувања, ангажман со договор на дело или трансформација на работен однос постапуваат во законски утврдениот рок.
Е.Б.