Бројот на граѓани кои бараат лекaрска помош во Гостивар од труењето на водата се намалува и влегува во смирувачки тренд, изјави денес министерот за здравство Сашо Клековски.

Тој кажа дека, според најновите податоци, има 80 новопријавени случаи во текот на денот, што е два пати помалку од претходните денови. Вкупниот број на заболени од здравствената криза предизвикана од неиисправната вода од водоводниот систем во Гостивар досега е 4.000 луѓе.

Додаде дека сега се почнува со целосна епидемиолошка анализа за прецизно утврдување на хронологијата и одвојување на случаите од епидемијата од редовните гастроинтестинални заболувања.

-Во моментот треба да почне да се прави раздвојување на тоа што е заболување од епидемија и тоа што се заболени од редовни гастроентерити, изјави Клековски.

Случајот со загадената вода во Гостивар почнал уште пред две недели, но властите реагираа пред десетина дена, кога по наредба на Јавното обвинителство од Гостивар се вршеа истражни дејствија. Обвинителството имаше сомнение дека Општината и јавното претпријатие „Водовод“ од Гостивар за да го зголемат притисокот на вода во системот, ставиле три пумпи во отворен канал за отпадни води и го поврзале на главниот цевковод од водоводниот систем со кој со вода за пиење се снабдува целиот град и околните села. Неделава беше приведена директорката на ЈП„Водовод“ Артана Асани и двајца раководители на сектори од претпријатието, под сомнение дека извршиле тешко загадување на животната средина.

Во меѓувреме Агенцијата за храна забрани водата од градскиот водовод да се користи за пиење и каква било друга употреба од граѓаните, а центарот за јавно здравје од Тетово прогласи епидемија поради големиот број заболени. Неколку дена подоцна Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба во Гостивар, а Владата најави дека секојдневно ќе доставува чиста вода за пиење до жителите.

Министерот за здравство денес рече дека водата од градскиот водовод се уште не може да се користи ниту за техничка употреба, бидејќи последните анализи покажале недоволно количество на резидуален хлор.

-За водата да биде безбедна до одреден степен се гледа колку хлор има во водата, а тоа уште го нема постигнато посакуваното ниво. Се прават редовни анализи на водата на повеќе мерни места во моментов, а кога хлорирањето ќе биде на задоволително ниво ќе биде дадена дозволата за употреба за техничка вода, рече Клековски.