Преговорите меѓу Русија и Србија за нов долгорочен аранжман за снабдување со гас повторно ќе станат тема дури откако во Белград ќе се формираат новата влада и надлежните државни органи и откако официјално ќе бидат упатени барањата до Москва.

Ова го изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Оваа порака од Кремљ пристигна само неколку дена по бизарната епизода и драмата на летот за Москва, во кој се најде добро познатата белградска тројка проруски функционери – Александар Вулин, директорот на „Србијагас“ Душан Бајатовиќ и министерот во технички мандат Ненад Поповиќ.

Говорејќи на редовната конференција за медиуми во Москва, Захарова нагласи дека руската страна внимателно ги следи изборите и политичките случувања во „пријателска Србија“, но јасно даде до знаење дека импровизираните и неофицијалните контакти не можат да ја заменат службената процедура.

„Кога ќе бидат формирани органите на државната власт и кога ќе бидат упатени соодветните барања, тогаш и ќе се разговара“, порача Захарова, коментирајќи ги апелите што пристигнуваат од Белград за неопходноста од склучување нов, стабилен договор.

Потсетуваме, постојниот аранжман за испорака на рускиот енергенс истекува на 31 декември, откако при крајот на септември беше продолжен за три месеци под досегашните услови. Со оглед на тоа што Белград се соочува со неизвесна зима, притисокот врз владејачката гарнитура е сè поголем, а времето за договор – сè помалку.

Изјавата на Захарова добива дополнителна тежина во контекст на настаните од белградскиот аеродром „Никола Тесла“, кога авионот на „Ер Србија“ на летот JU134 за Москва беше вратен од небото над Литванија назад во Белград, во авионот седеле Вулин, Поповиќ и Бајатовиќ, а летот бил прекинат наводно затоа што Вулин не ги поминал пропишаните безбедносни проверки пред полетувањето.

Откако авионот присилно се вратил, шефот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, се обиде пред новинарите да објасни зошто воопшто тргнал на пат. Тој тврдеше дека не патувал во координација со Вулин и Поповиќ и дека неговата цел била исклучиво гасот:

„Долго време се занимававме со изборите, а сега полека мора да се подготвуваме за зимата. Ќе ни требаат дополнителни количини гас и мора да договориме некои работи околу флексибилноста и плаќањето“, изјави тогаш Бајатовиќ, додавајќи дека настанале сериозни проблеми во платниот промет со Москва по крахот на „Алта банка“.

Сепак, ако се суди според ладниот одговор на Захарова, обидот на Бајатовиќ и Вулин за гаснење на енергетскиот пожар и лобирање во Москва е дочекан со спуштена рампа. Москва очигледно бара прво да заврши постизборната комбинаторика во Белград и да се поднесат официјални барања пред да стави потпис на новиот енергетски вентил.