
Руското министерство за надворешни работи тврди дека парламентарните избори одржани во Ерменија минатиот викенд биле спроведени со мешање од страна на Западот и со „невиден притисок“ врз опозицијата.
Портпаролката на министерството, Марија Захарова, изјави дека изборите се одржале „со невиден притисок врз опозицијата и мешање на Западот, пред сè на Европската Унија“.
Таа се повика на прелиминарните резултати од изборите, за кои тврди дека покажуваат значителен пад на поддршката за владејачката партија „Граѓански договор“ на премиерот Никол Пашињан.
Според нејзините зборови, во ерменското општество постои „јасно барање“ за зајакнување на односите со Русија и за продолжување на учеството на Ереван во евроазиските интеграциски структури предводени од Москва.
Захарова исто така тврди дека предизборната кампања и самото гласање се одржале во атмосфера на „остра репресија“ од страна на ерменските власти.
Таа го обвини раководството на Ерменија за „грубо кршење на демократските принципи и процедури на слободните избори“, како и за прогон на оние кои се залагаат за зајакнување на, како што рече, „животно важниот сојуз со Русија“.
„Се надеваме дека ерменските власти ќе се водат од пристапи кои се засноваат на националните интереси“, порача Захарова.
Зборувајќи за идните односи меѓу Москва и Ереван, таа рече дека Русија својот иден пристап ќе го обликува „земајќи ги предвид конкретните потези на ерменското раководство“.
Односите меѓу Ерменија и Русија во последните години заладија, откако Ереван ја обвини Москва дека не му пружила доволна поддршка за време на конфликтот со Азербејџан околу Нагорно-Карабах. Ерменија во меѓувреме ја интензивираше соработката со Европската Унија и со западните партнери.