
Напојувањето на нуклеарната централа Запорожје на југоистокот на Украина, која е под руска окупација, повторно е прекинато додека поширокото подрачје страда од прекин на струја, соопшти управата на централата во четвртокот, а веста ја потврди и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Нуклеарната централа Запорожје во текот на ноќта остана без енергија поради напад врз резервната електрична трафостаница, објави Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на мрежата „Х“ во четвртокот наутро.
„Ова последно губење на надворешната енергија уште еднаш ја нагласува екстремната кршливост на електричната мрежа и постојаните опасности за нуклеарната безбедност во воено време“, изјави генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, повторувајќи го својот повик за „воена воздржаност“ со цел да се спречи нуклеарна несреќа.
Високонапонскиот далновод што води до централата автоматски се исклучил во средата навечер, соопшти управата на нуклеарната централа, додавајќи дека резервните дизел-генератори на локацијата го презеле снабдувањето со електрична енергија. Не се забележани зголемени нивоа на радиоактивност.
„Ноќта помина релативно мирно во Енерходар и околината на нуклеарната централа Запорожје“, изјави за руската државна агенција ТАСС, Евгенија Јашина, директорка за комуникации на централата, која е именувана од Москва. Таа извести за неколку изолирани напади со беспилотни летала, но рече дека целиот град нема струја.
Русија ја зазеде централата Запорожје во градот Енерходар, која е најголемата нуклеарна централа во Европа, во првите денови од целосната инвазија врз Украина започната во февруари 2022 година. Сите шест реактори оттогаш се исклучени од безбедносни причини, но потребно е сигурно снабдување со електрична енергија за нивно ладење.
Киев и Москва во повеќе наврати меѓусебно се обвинуваа за гранатирање на централата.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) распореди набљудувачи на локацијата и побара од завојуваните страни да покажат воздржаност за да се спречи нуклеарна несреќа.