
По вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека е ноторна лага дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ од Општина Центар не гласале за нацрт деталниот урбанистички план Барутана, со кој се предвидува изградба на огромни објекти на јужниот дел на Водно, советникот во Град Скопје од коалицијата „Зелен Хуман Град“ Маријан Калевски вели дека е жално што во денешно време може да се манипулира со такви тврдења.
-Што се однесува до изјавата на Мицкоски дека советници на ВМРО не гласале за ДУП Барутана за Водно ќе кажам само дека жално е што во денешно време мисли дека може да манипулира со такви тврдења. А дали ќе дозволеле нешто што не е во интерес на граѓаните кога ќе дошол ДУП-от на разгледување во Влада, откако многу луѓе се побунија за штетните последици што би ги имал тој ДУП, останува да видиме, изјави Калевски.

Фото: Фејсбук/Марјан Калевски
Премиерот вчера на прашање на „Локално“ дали ќе побара од советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Центар да не го подржат планот, за кој во тек е јавна расправа и на усвојување повторно треба да оди во Советот на општината, по забелешлите на стручната јавност дека Водно буквално може да се сруши врз Скопје, прво рече дека не знае за кој план прашуваме и кои стручњаци предупредиле дека планот не е добар.
-Навистина не сум запознаен ни кој стручњаци давале изјави, ниту за план кој Општина Центар планира да го носи. Таму е градоначалник од опозицијата, кој што беше промовиран како потпретседател на СДСМ може е посоодветно тоа прашање нему да му го поставите, а се разбира кога ќе дојде во институциите каде ние имаме ингеренции како што е Министерството за транспорт, секако дека нема ни милиметар да направиме што не е во интерес на граѓаните, рече Мицкоски.
Потоа се корегираше и изјави дека се сетил, но дека е ноторна лага дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центр гласале за планот.
-Тоа е ноторна лага дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ поддржале план, ако зборувате за иницијатива тоа да се реализира има уште четири-пет чекори да се реализира. Јас јавно како претседател на Владата зборувам дека тој план допрва треба да дојде до институциите кои ги води Владата и ние нема ни милиметар да направиме спротивен на интересите на граѓаните, изјави Мицкоски.
Пред десет дена на седницата на Советот на Општина Центар при презентација на нацрт планот реагираа советниците од Шанса за Центар, Левица и ЗНАМ и бараа да не се дозволи ново уништување на Водно.
Сепак нацрт планот беше усвоен и покрај предупредувањата дека според габаритот на предвидените градби тој е во спротивност со Генералниот урбанистички план, како и дека нема студија за ерозивноста на земјиштето.
За планот гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а против беа советниците од Шанса за центар, ЗНАМ и Левица, како и по еден советник од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Е.Б.