Главниот извршен директор на Мета, Марк Закерберг, порача дека американската влада не би требало да ја блокира кинеската вештачка интелигенција. Во разговорот за „Financial Times“, тој оцени дека забраната на кинеските модели на вештачка интелигенција не би била ефикасно решение. Наместо тоа, американските компании треба системски да ги идентификуваат пречките за полесно да се натпреваруваат со кинеските компании за вештачка интелигенција, пишува „Си-Ен-Ен“.

Неговите коментари, објавени денеска, доаѓаат во време на интензивни расправи во Вашингтон за регулацијата на технологијата што брзо се развива и за одговорот на сè посеопфатната конкуренција од Кина. Во тој контекст, одредени високи функционери од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп тврдат дека имаат докази дека кинеската компанија Муншот АИ тајно ги користела моделите на американските конкуренти за обука на својот најнов модел Кими К3. Од Муншот ги отфрлија тие обвинувања.

Истовремено, американскиот министер за финансии Скот Бесент минатата недела предупреди дека би можеле да се разгледаат санкции доколку кинеските лаборатории ја преминат линијата и тргнат во кражба на интелектуална сопственост.

Изјавата на американскиот министер за финансии ѝ претходеше на одлуката на американската Федерална комисија за комуникации (ФЦЦ), која вчера најави дека новите хуманоидни и четириножни роботи произведени надвор од САД во правило повеќе нема да можат да добијат одобрение потребно за увоз и продажба на американскиот пазар. ФЦЦ наведува дека тие уреди претставуваат неприфатлив ризик за националната безбедност.