
„Појдовната основа на ЛДП доаѓа од Лигата за демократија, во која што нели, професорот Ѓорѓе Марјановиќ сакаше и сакавме Македонија да биде попристојно место за живеење. Наспроти тоа, добивме еден хаос и да сведочиме на вакви катаклизми. Ова не се трагедии, туку ова е буквално човечки фактор на пропуст. И мислам дека во Македонија она што е клучно е тоа што зборот одговорност постои само во теоријата, а ние реално во праксата не гледаме одговорност. Истото се случува и во последниот случај. Таму буквално на луѓето во уста им ставија фекалии. Се испозаразија куп луѓе и ние гледаме цело време еден вид на пинг-понг натпревар. Ќе бараме сега кој е крив, кој е прав, а никој не чувствува никаква одговорност“, вели во одговор на прашање за состојбата со водата во Гостивар претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова.
Според Зајкова, ова се случува затоа што со децении имаме исти структури на луѓе кои што се менуваат на највисоките позиции и секогаш имаме некој што е на пониско ниво кој одговара за нешто, додека речиси никогаш одговорноста не се лоцира на највисоко ниво.
„Дури дотаму ни е ‘луд’ системот што и кога министер ќе си поднесе оставка, не му се прифаќа и после тие истите луѓе ни морализираат како треба да го градиме општеството. Апсолутно ова не се случува од вчера или од денес, туку ова е ставање постојано на проблемите под тепих и немање на одговорност. Значи клучната работа е тоа што никој во оваа држава не се чувствува одговорен и секогаш одговара некој треторазреден а се штитат најодговорните за се за целиот хаос“, дополнува Зајкова во „Вести Плус“ на „Канал 5“.
Вистинското градење на системот и свеста за одговорност ќе се развие тогаш кога ќе почнеме да не штитиме никого туку да одговараат навистина сите со име и презиме, а не постојано да се заташкува и да застаруваат случаи на највисока корупција.
„Сѐ додека партиски се штити овој или оној, никогаш нема да изградиме систем, а на крај цената ја плаќа народот. Овој пат со епидемија, следниот пат може да биде и со смртни последици за кои што и не е дека некогаш не сме сведочеле. Имавме неодамна трагедија исто каде што е нели, системот крив, а всушност некој свесно дал лиценци за клуб кој што не исполнува технички услови, кај што луѓето не можеа да излезат и се запалија живи и сѐ уште нема никаков исход од случајот и нема никој кој што ја понел одговорноста“, завршува претседателката на ЛДП.