
Министерството за животна средина и просторно планирање по вчерашната објава на граѓаните дека непозната материја со која е загадена реката Лепенец, таа вода ја носи во реката Вардар, за „Локално“ изјавија дека инспекторите на Државниот инспекторат за животна средина, во текот на вчерашниот ден извршиле инспекциски надзор на терен.
-Инспекциската постапка сè уште е во тек, а проверките се спроведуваат согласно законските процедури. По завршувањето на сите контроли и по приемот на официјалните резултати, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана за наодите и за преземените мерки, изјавија од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Од Државниот инспекторат за животна средина за „Локално“ изјавија дека по добиена пријава излегле на терен и дека извршен е вонреден визуелен надзор и дека при тоа констатирале дека има истекување на отпадна пенлива вода во реката Вардар на потегот меѓу населбите Карпош 3 и Карпош 4, на каскадата на вливот на реката Лепенец во Вардар, по течението на реката Вардар до мостот Обединети Нации во населбите Влае и Орман.
Од Инспекторатот неофицијално велат дека по направените проверки во двете инсталации што имаат А интегрирана дозвола, односно фабриките на Адинг и Алкалоид, утврдиле дека од таму не е загадувањето, но дека сепак треба да се почекаат резултатите од анализата на земените мостри.
Пријавата за загадувањето до Државниот инспекторат за животна средина стигнала од Општина Карпош, а слично известување добиле и од Центарот за управување со кризи за време на теренскиот увид. Увид на терен направил и инспектор од Град Скопје, како и полицајци од крим техника при МВР.
-Земени се мостри и од акредитирана лабораторија за животна средина „Фуд Лаб“ со која има договор има Министерството за животна средина, а мостри беа земени и од лаборанти од ЈП Водовод и Канализација за лабораториски испитувања, изјавија од Инспекторатот.
Е.Б.