
Пари на заем од Македонска навиганција (М-НАВ), МЕПСО и од Државна Лотарија зема Владата за Јавното претпријатие за државни патишта, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски.
Тој во одговор на новинарско прашање рече дека парите се позајмуваат на Јавното претпријатие за државни патишта за отплата на кредитот кон кинеската банка за изградба на патишта.
-Таму не се само средствата од М-НАВ, таму има и средства од МЕПСО и од Државна Лотарија, секако и од сопствени средства на Јавното претпријатие за државни патишта. Средствата ќе бидат искористени за враќање на кредит кон кинеската банка за автопатите. Истите тие средства во август ќе бидат вратени на компаниите, се прави само вообичаена процедура која многу пати во минатото се правела , изјави Мицкоски.
Опозициската СДСМ на оваа изјава реагираше дека Мицкоски признал дека со пари позајмени од М-НАВ ќе се отплаќа кредит во кинеска банка.
-Уште едно признание. Секој ден по едно. За сè што СДСМ зборуваше со месеци. Толку за приказната дека СДСМ шири дезинформации, соопшти СДСМ.
Според опозицијата, затоа на Мицкоски му треба уште посилна медиумска контрола.
-За граѓаните повеќе да не можат ниту да слушнат дека им е отруена водата поради непалење на црвеното светло на ВМРО, поради нестручност, поради неодговорност или поради криминални партиски тендери. Мицкоски ќе спие мирно – медиумите и социјалните мрежи ќе бидат контролирани, соопшти СДСМ.