ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение обвини дека СДСМ и неговиот лидер Венко Филипче ја сведуваат својата политичка агенда исклучиво на прашањето за уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот, занемарувајќи ги, како што велат, клучните државни и реформски приоритети.Од владејачката партија велат дека Филипче е „погласен промотор на барањата за уставни измени отколку самата Бугарија“, оценувајќи дека СДСМ упорно ја турка оваа тема како свој главен политички фокус.Според ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија ги игнорира позитивните оценки од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за спроведувањето на Реформската агенда, како и средствата што државата ги обезбедува преку Планот за раст на Европската Унија.„За Филипче и СДС не се важни домашните приоритети, туку единствена реформа за нив се уставните измени и прифаќањето на бугарските барања“, се наведува во реакцијата.Од партијата потсетуваат дека, според нив, СДСМ стоел зад најзначајните политички отстапки во изминатите децении, посочувајќи ги промените на државното знаме, името и Уставот.Во соопштението се наведува дека Филипче продолжува по политиките на неговите претходници, Зоран Заев и Димитар Ковачевски, барајќи нови отстапки кои, според ВМРО-ДПМНЕ, не придонесуваат за достоинствен и рамноправен европски пат на државата.Владејачката партија повторува дека македонскиот идентитет, јазикот и историската посебност не смеат да бидат предмет на политички договори и отстапки.„Македонија заслужува европска иднина, но не по цена на нови понижувања и откажување од сопствените национални обележја“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.Од партијата додаваат дека периодот на, како што го нарекуваат, безусловно прифаќање на надворешни диктати е завршен и порачуваат дека државата ќе продолжи напред, бранејќи ги своите национални и државни интереси.