Во последните години се забележува значајна промена на пазарот на труд. Се повеќе компании ја намалуваат важноста на формалното образование и дипломите, а во фокус ги ставаат практичните вештини, искуството и способноста за брзо прилагодување. Иако со децении дипломата се сметаше за клучен услов за вработување, денес многу работодавци оценуваат дека таа не е доволна за гаранција за успех на работното место. Наместо тоа, тие бараат кандидати кои знаат да работат со модерни технологии и брзо да се адаптираат на промените во индустријата.

-За градежните работници не е клучно дали имаат завршено средно образование, туку многу поважно е дали навистина знаат да ја работат работата и дали поседуваат практични вештини. Во градежништвото, резултатот и квалитетот на изведбата се најважни, а тие доаѓаат од искуство, обука и постојана пракса на терен, изјави за „Локално“, Никола Велковски, сопственик на градежна фирма.

Тој додава дека во овој сектор формалното образование не секогаш е пресудно за успешно извршување на работните задачи, бидејќи голем дел од вештините се стекнуваат директно преку работа, учење од поискусни мајстори и практична примена на знаењето.

-Секако, постојат работни позиции кои бараат посебни овластувања, стручни квалификации и лиценци, особено кога станува збор за сложени и одговорни задачи каде што безбедноста е приоритет. Во тие случаи, професионалната сертификација е задолжителна, појаснува Велковски.

Никола Велковски-Фото: Принтскрин/Јутјуб

Тој нагласува дека при вработување не треба да се гледа само дали кандидатот има завршено одредено ниво на образование, туку многу повеќе какви вештини поседува, колку е обучен за конкретната работа и дали може да одговори на реалните барања на работното место.

-Во приватните компании работите функционираат сосема поинаку отколку во државниот сектор, каде што често со самото поседување диплома се добива работно место. Во приватниот сектор правилата се појасни и построги, ако не си продуктивен и ако не придонесуваш финансиски за фирмата, многу тешко можеш да останеш на работното место, вели Велковски.

Тој додава дека компаниите се ориентирани кон резултати и кон реалната вредност што ја создава работникот, а не само кон формалните квалификации на хартија.

-На крајот, најважно е дали работникот придонесува во работата на фирмата – дали знае да работи, дали е ефикасен и дали постојано ги подобрува своите вештини. Тоа се работите што денес прават разлика, заклучува Велковски.

Експертите за пазарот на труд посочуваат дека во технолошкиот сектор, маркетингот, дизајнот и дигиталните професии, портфолиото и реалните проекти имаат поголема тежина од формалната диплома. Сè поголем број компании ги отстрануваат строгите образовни услови од огласите за работа, отворајќи простор за самоуки кандидати и лица кои се стекнале со знаење преку онлајн курсеви, обуки или практична работа.

Сепак, предупредуваат дека дипломата сè уште има значење во одредени професии, како медицина, право и инженерство, каде што формалното образование е неопходно заради безбедност, стандардизација и законска регулатива.

Б.С.