„Со години дебатата за рударството во Македонија се води во атмосфера на стравови, претпоставки и меѓусебни обвинувања. Наместо фактите, науката и стручните анализи, сè почесто главниот збор го имаат дезинформациите и најгласните коментари на социјалните мрежи“.

Вака смета локалната иницијатива „И Здравје и Работа“. Во соопштениет од иницијативата велат дека е време јавната дебата конечно да се врати таму каде што ѝ е местото – кај експертите, науката и кај институциите.

„Го поздравуваме формирањето на Здружението на металурзи, како и сè погласните повици од академската и стручната јавност да се слушне мислењето на луѓето кои со децении работат во областа на геологијата, рударството, металургијата и заштитата на животната средина.

Во изминатиот период многу експерти предупредија дека Македонија не смее да остане настрана од европските и светските процеси поврзани со критичните минерални суровини. Европската Унија денес бакарот, литиумот и другите критични минерали ги смета за стратешки ресурс неопходен за енергетската транзиција, електромобилноста, дигитализацијата и индустрискиот развој.

Во исто време, кај нас сè уште се водат расправи во кои мислењето на геолози, инженери и научници често се става во втор план пред шпекулации и сценарија кои не се поткрепени со научни факти.

Не тврдиме дека секој проект мора да биде реализиран. Но, тврдиме дека секој проект мора да биде оценуван врз основа на стручни анализи, еколошки студии, законски процедури и научни аргументи, а не врз основа на стравови и политички притисоци.

Особено е важно институциите да покажат дека одлуките ги носат врз основа на законот и експертските мислења. Владата, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и сите надлежни институции имаат обврска да постапуваат согласно националните стратегии, законската рамка и определбата на Македонија за усогласување со европските политики.

Во таа насока, сметаме дека повеќегодишниот статус кво околу проектот ‘Иловица-Штука’ не е во интерес ниту на локалното население, ниту на инвеститорите, ниту на државата. Судските и административните постапки треба да добијат институционален епилог, а надлежните органи да донесат конечна одлука врз основа на фактите и доказите што стојат на располагање“, се вели во соопштението.

The post ЗА ИЛОВИЦА ДА ГИ СЛУШНЕМЕ ЕКСПЕРТИТЕ, А НЕ НАЈГЛАСНИТЕ Само така може да се обезбеди и здравје и работа appeared first on plusinfo.mk.