По реакциите во јавноста, Град Скопје ги коригираше сликите на влезните билборди, со што покажа дека може веднаш да интервенира. Сепак, како што соопштија од ДУИ, и по корекцијата, албанскиот јазик и натаму недостасува.

Според партијата, ова покажува дека станува збор за свесна одлука да се игнорираат албанскиот јазик и мултиетничкиот карактер на Скопје.

-Во двојазичен град, исклучувањето на албанскиот јазик од официјалните натписи претставува тешка политичка и институционална провокација и прекршување на законот.

ДУИ бара итна корекција на билбордите и поставување на албанскиот јазик, во согласност со законот и со реалноста на Скопје.

Доколку законот не биде спроведен, ќе ги преземеме сите правни, институционални и демократски мерки за заштита на албанскиот јазик и достоинството на Албанците.

Политичката одговорност за овој континуиран модел на игнорирање на Албанците паѓа врз ВЛЕН, кои со својата вазалност создадоа уверување дека интересите и правата на Албанците можат да се прекршуваат без никакви последици, стои во сооопштението од ДУИ.

Откако беше отстранет билбордот кој беше поставен со грешки во илустрациите, вчера тој беше заменет со нов на кој има фотографии од кулата на скопското Кале, Камениот мост на реката Вардар, кањонот Матка, Старата скопска чаршија и споменикот „Воин на коњ“.

Смената на билбордот дојде по бурата од реакции, критики и потсмев во јавноста. Претходниот билборд, за кој многумина коменираа дека е направен со вештачка интелигенција, највчечатлива аномалија беше коњот на Воинот што имаше пет нозе, другите знаменитости беа видоизменети, а имаше и објект што го нема во главниот град.