Во организација на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ при Општинскиот комитет Струмица, утре, (саботам 31 октомври), во „Грандис“ во Струмица ќе се одржи хуманитарна модна ревија под мотото „Биди своја – мода, солидарност и хуманост“.

Настанот, кој е најавен како вечер на модата, грижата и женското заедништво, има цел да ја истакне важноста на женската солидарност, меѓусебната поддршка и хуманоста, со посебен акцент на поддршката на жените кои се соочуваат со рак на дојка и матурантките од семејства во социјален ризик.

Според најавената програма, свеченото отворање е предвидено за 19:00 часот, а по краткиот музички настап, ќе следуваат свечен дел и обраќања, а централниот дел од вечерта – модната ревија – ќе започне во 19:25 часот.

На модната писта ќе бидат претставени креации на Љупка Митрова, Елена Лука и Emily, кои преку модата ќе дадат придонес во хуманитарната иницијатива.

Посебно значење на настанот му дава хуманитарната цел. Средствата собрани од откупот на донираните фустани ќе бидат наменети за поддршка на жените кои се соочуваат со рак на дојка, додека фустаните ќе им бидат подарени на матурантки од семејства во социјален ризик. На овој начин, иницијативата обединува две хумани мисии – поддршка на жените во борбата со тешката болест и овозможување поубави матурски мигови за девојките на кои им е потребна помош.

Со мотото „Биди своја“, организаторите испраќаат порака дека модата може да биде повеќе од убавина и елеганција – можност за солидарност, поддршка и заедничка грижа за оние на кои им е најпотребна.

The post Хуманитарна модна ревија „Биди своја“ утре во Струмица: Мода и солидарност во поддршка на жените со рак на дојка appeared first on Radio StrumicaNet.