Европската комисија претстави нови насоки со кои ги повикува граѓаните на Европската унија на подобра подготовка за вонредни ситуации и катастрофи. Тоа вклучува подготовка на залихи од храна, вода и основни потреби што се доволни за преживување во текот на првите три дена додека не стигне организирана помош од јавните служби.

Насоките на Европскиот форум за цивилна заштита во Брисел ги претстави европската комесарка за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лабиб. Таа истакна дека во кризните моменти првите часови прават клучна разлика и дека секој граѓанин мора да знае како да го заштити своето семејство и да им помогне на другите, нагласувајќи дека подготовката почнува во сопствените домови, училишта и локални заедници.

Главниот акцент во препораките е ставен на тридневната самоодржливост. Комисијата им советува на граѓаните во домаќинствата да имаат подготвени основни залихи, како и однапред спакувана торба или ранец за итни случаи со најнужните работи во случај на брза евакуација, за да можат да ги задоволат основните потреби додека системот за помош целосно не се вклучи на терен.

Освен залихите за домаќинствата, насоките опфаќаат уште три клучни подрачја: воведување едукација за кризи во детските градинки и основните училишта преку активности приспособени на возраста и без создавање страв, потоа посебни мерки за заштита на лицата со попреченост за никој да не биде изоставен, како и појасно и побрзо комуницирање на опасностите од страна на властите кон јавноста.

Комисијата предложи и воведување официјален Европски ден на подготвеноста, кој би се одбележал секоја година на 23 октомври, почнувајќи од 2027 година. Тој датум е избран бидејќи го означува основањето на европскиот Механизам за цивилна заштита во 2001 година, а целта му е да ги поттикне граѓаните и локалните власти на редовно вежбање и подигање на свеста за опасностите.

Предлогот произлезе и од препораките на панелот на европски граѓани, во кој 150 жители од сите земји членки на Униската побараа посилно вклучување на јавноста во системите за заштита и спасување.

Покрај упатствата за граѓаните, Брисел донесе и препораки за земјите членки за спроведување редовни стрес-тестови и планови за континуитет на работата. Од националните центри за цивилна заштита се бара да обезбедат непречена работа и координација на помошта 24 часа дневно, дури и во услови на тешки нарушувања како што се снемување струја, пад на комуникациските мрежи или сајбер-напади.

Иако новите насоки не се правно обврзувачки, тие се клучeн дел од пошироката европска стратегија за зајакнување на отпорноста на кризи. Стратегијата се темели на минатогодишниот извештај на поранешниот фински претседател Саули Нинисте, кој предупреди дека Европа поради сè почестите климатски непогоди и геополитички закани мора да изгради култура на подготвеност во сите слоеви на општеството.