
„За жал, повторно сме на истиот коментар – институциите не ги штитат жртвите од насилство. Секој фемицид, секој нов изгубен живот е доказ дека некаде во синџирот на заштита е пропуштена навремена интервенција. Да, дел од постапките биле формално спроведени, мерките биле изречени, но на крајот заштитата изостана – имаме фемицид на 17-годишна девојка“, велат од невладината Асоцијација за здравствена едукација и истражување, ХЕРА за „Локално“ за случајот во Богданци и убиството на Билјана Ќириќ од страна на 21-годишниот Виктор Гунтаров.
Оттаму потсетуваат дека Државниот завод за ревизија во извештајот од август 2025 година утврди дека системот за заштита не обезбедува доволно ефикасна поддршка и заштита, дека постојат кадровски недостатоци и дека дел од планираните активности во оваа област не се реализирани. Затоа, порачуваат од ХЕРА, потребна е промена од формално постапување кон вистинска институционална одговорност.
-Не е доволно институциите да покажат дека примиле пријава или изрекле мерка. Треба да покажат дека таа мерка навистина имала ефект и дека ја заштитила жртвата, додаваат од невладината организација.
Објаснуваат дека цо Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство од 2021 година е предвидена обврска за процена на ризикот, која треба да ја спроведуваат полицијата и центрите за социјална работа. Според она што го гледаат на терен, очигледно е дека полицијата и центрите за социјална работа немаат капацитет да ги заштитат жртвите од насилство, штом само оваа година веќе имаме 7 фемициди – убиени жени само затоа што се жени.
-Со години наназад слушаме дека се спроведуваат обуки за центрите за социјална работа и за полицијата, кои, меѓу другото, вклучуваат и процена на ризикот, но во практика заштита нема. Процената на ризикот не е еднократна административна активност. Таа мора да се следи и да се преиспитува секогаш кога ќе се појават нови закани, нови пријави или промени во околностите. Ризикот е динамичен, па и институционалното постапување мора да биде такво. Кога станува збор за малолетно лице, пак, процената треба да ги земе предвид, меѓу другото, и развојните потреби, како и заканите повторно да биде изложено на насилство, велат од ХЕРА.
Претходното насилство во случајот од Богданци бил евидентиран во полицискиот билтен од 1 октомври. Според тогашната информација од МВР, нападот се случил на 30 септември, околу 21 часот, во домот на момчето во Богданци. Полицијата тогаш само го привела Гунтаров и со него разговарала, па бил пуштен. Полицијата кривичната пријава против него ја поднела 14 дена по пријавата од таткото на Билјана Кириќ – на 14 октомври.

Билјана Ќириќ
Од ХЕРА потсетуваат на случаите на Танкица, Росица, Рамајана и Ивана, и други бројни фемициди во изминатите години. За сите случаи јавноста дозна дека имало сериозни и континуирани пропусти и непостапување од страна на институциите и дека жртвите повеќепати пријавувале и барале помош и заштита, но таа изостанала.
-За сите случаи не видовме ниту едно службено лице кривично да одговара за пропустите, за системот да испрати порака дека непостапувањето е соучество и не смее да се повтори. За жал, сè уште одговорноста за лична заштита и безбедност се префрла на жртвата, наместо на институциите кои имаат законска обврска да ја заштитат. Кога жената пријавува насилство, сè уште секоја пријава се третира како нов случај, инцидент, и жената при секоја пријава треба да докажува дека е во опасност. Институциите треба да ги поврзат претходните пријави и да ја видат целата слика, не како изолирани настани, туку да ги анализираат заедно и поврзано и да препознаат дали станува збор за случај во кој насилството ескалира. Секоја нова пријава треба да се земе како дополнителна информација за зголемување на ризикот, а не како нов, изолиран случај, наведуваат од Асоцијацијата, додавајќи дека полицијата, центрите за социјална работа, обвинителството, здравствените установи и судовите често располагаат со различни информации, но тие не секогаш се поврзуваат во една целосна слика за опасноста во која се наоѓа жртвата.
-Насилството е злоупотреба на моќ и контрола, не е конфликт кој треба да се решава меѓу две еднакви страни и за секое пријавување, без разлика на видот на насилство треба да се постапува сериозно и одговорно, посочуваат од невладината организација.
Пратеничката и претседателка на Либерално демократската партија Моника Зајкова, ја повика власта и институциите на одговорност. Зајкова истакна дека институциите повторно потфрлиле во заштитата на жртвата. Таа повторно го актуелизираше барањето за итно воведување на електронски нараквици за следење на насилниците, обвинувајќи ги надлежните за бесмислени изговори поради кои оваа мерка сè уште не е усвоена.
Од ХЕРА ни рекоа дека не гледаат политичка волја за независна анализа на секој фемицид и јавно објавување на институционалните пропусти, штом имаме повторно фемицид само неколку месеци по последниот.
„Македонија е опасно место за живеење за девојките и жените. Како граѓански сектор, уште по случајот со смртта на Ивана и нејзината ќерка, активно се вклучивме во работните групи формирани од Владата за да ги подобриме измените на законите за превенција и заштита од насилство во различните сектори. Од осум предвидени закони, само еден закон беше поднесен во Собранието уште во август, од група пратеници – измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Законот досега не е ставен ниту на седница“.
Јавно прашуваат зошто и по неколку месеци од поднесувањето на предлог измените законот не се става на дневен ред и дали е точно дека законот ќе се повлече поради дефинициите поврзани со родово базираното насилство и основите за заштита, кои се вклучени уште во 2021 година.
-Очигледно, за дел од пратениците кои учествуваа во бришењето на родот и родовата еднаквост од законите во образованието во 2025 година, заштитата од родово базирано насилство е „прогресивна“ тема. Покрај законите, и во програмите за сексуално образование, каде што насилството е една од најважните теми, се бришат основните поими преку кои треба да ги научиме децата да ги препознаваат родовите стереотипи, контролата, моќта, токсичноста, границите, согласноста и почитувањето на телесната автономија на другите, стои во ставот на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување.
Н.П.