
Русија рано утринава изврши 26 напади врз Харков, при што има повредени луѓе и избувнаа пожари, објави „Украинска правда“, повикувајќи се на локални функционери.
Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, изјави дека градската населба Холоднихирски била под концентриран напад со дронови и дека за само неколку минути биле забележани околу 20 удари.
„Околу 20 удари во последните неколку минути во населбата Холоднихирски, поради што избувнаа пожари“, изјави Терехов.
Тој додаде дека во таа населба има жртви, но дека бројот на повредените и нивната состојба сè уште се утврдуваат.
Олех Синехубов, шеф на Харковската регионална воена управа, исто така извести за руските напади врз населбата Холоднихирски. Според неговите зборови, еден од ударите предизвикал пожар.
„Кијив пост“ претходно објави дека руски дронови во текот на ноќта погодиле две станбени згради во Одеса, додека во посебен напад со дрон во централната населба на Херсон биле повредени двајца мажи.
Лекарите им дијагностицирале повреди од експлозија, акустична траума и акутна стресна реакција.
Нападите се случија во период кога Русија продолжува речиси секоја ноќ да извршува напади со дронови врз украинските градови, честопати таргетирајќи ги станбените четврти и цивилната инфраструктура.