
„Ако е надлежен, нека преземе мерки и нека ги ограничи провизиите, а ако не, нека молчи. Тој не е политички фактор туку монетарна власт со уставни овластувања и треба да се движи околу тоа, а не да соли памет и да дели морал дека тоа не чинело“, вели екс-министерот за финансии, Џевдет Хајредини по барањето на гувернерот на Народната банка на Македонија, Трајко Славески до деловните банки во најкус можен рок да се откажат од речиси двоцифреното покачување на надоместоците на платниот промет за граѓаните и бизнис-заедницата.
Хајредини во изјава за „Локално“ рече дека Славески „сака да продава политика и да се додворува на Владата“.
-Тој не треба да ја следи Владата туку монетарната политика што е утврдена според закон и надлежностите. Фискалната политика е на Министерството за финансии, кажа, меѓу другото, екс-министерот.