
Обвинителката Искра Хаџи-Василева, која е новоизбрана претседателка на ОЈО за гонење организиран криминал, рече дека е убедена дека нема да подлегне на притисоци. Таа во одговор на новинарско прашање дали како државниот обвинител Ненад Савески телефонски ќе разговара за предмети со премиерот Христијан Мицкоски, рече дека нормално е институциите да комуницираат, но дека во одлучувањето, обвинителите и по Устав се самостојни.
-Органите и државните институции не е ништо спорно да соработуваат и тоа е дел од она што е природно, логично и разумно и се случува секаде. А ако мислите на некакви инттервенци и ургенции, тоа е сосема друго прашање и се работи дека ние по Уставот одлучуваме самостојно, изјави Хаџи-Василева.
На новинарско прашање со што прво ќе се зафати како нова шефица на ОЈО ГОКК, одговори дека ќе почека две недели додека да поминат формалностите за припропредавање на функцијата.
-За новата функција има уште две недели додека да поминат сите формалности и да ја преземам. Дотогаш да оставиме да истечат роковите. Се разбира ќе се зафатам со се во Обвинителството за гонење организиран криминал – од организациски прашања, од ефективност на кривичниот прогон и со се од она што беше јавно кажано пред изборот, кажа Хаџи-Василева.
На новинарско прашање дали ќе остане имуна на притиоци, таа изјави дека е убедена дека ќе остане имуна на влијанија.
-Дали ќе останам имуна на притисоци, убедена сум дека будно ќе следите и уверена сум дека ќе останам, истакна новата шефица на ОЈО ГОКК.
Таа додаде дека неколку пати повторува дека е природно обвинителската работа по својата суштина да има притисоци.
-Наше е како обвинители да бидеме резистентни и да ставаме граница на тие притисоци и тука не треба да се плашиме. Притисоците се секако дел од човечката природа, како и интегритетот за кој убедена сум дека го имаат голем дел од обвинителите, одговори Хаџи-Василева.
Таа ќе го наследи Ислам Абази, кој беше избран во 2022 година и не се кандидираше за нов мандат. По Вилма Русковска, Хаџи-Василева ќе биде втората жена на чело на обвинителството надлежно за гонење организиран криминал и корупција на територијата на целата држава.
Е.Б.