
Годишната софтверска конференција на „Епл“, ВВДЦ (WWDC), започнува денеска во 19 часот по македонско време, а интернетот истовремено брчи од новитети кои компанијата ќе ги претстави. Најголемото внимание е насочено кон вештачката интелигенција (AI) и значајното унапредување на гласовниот асистент Сири, но се очекуваат и бројни новости за оперативните системи и апликациите во рамките на екосистемот на „Епл“.
Преносот ќе биде достапен преку апликацијата на „Епл“ за програмери, официјалната интернет-страница и јутјуб-каналот на компанијата.
Најголемите очекувања се поврзани со целосно редизајнираната Сири. Според информациите кои кружат во технолошката индустрија, „Епл“ подготвува значително понапреден асистент, способен за поприроден разговор, подобро разбирање на контекстот и извршување посложени задачи низ повеќе апликации. Новата Сири наводно ќе ја користи технологијата на моделот Џемини (Gemini) на „Гугл“ за да ги прошири своите можности.
Одредени протечени информации зборуваат и за посебна апликација за Сири, која директно би им конкурирала на чет-ботовите како „ЧетГПТ“, „Клод“ и „Џемини“. „Епл“, исто така, би можел да претстави опција за автоматско бришење на разговорите по одреден период, слично на функциите што веќе ги нудат некои апликации за допишување.
Голем интерес предизвикуваат и гласините за интеграција на АИ-агенти во рамките на „Ап стор“. Ваквите системи би можеле да им овозможат на корисниците да делегираат секојдневни задачи, како што се резервации, управување со документи или контрола на паметните уреди во домот.
Значајни промени се очекуваат и во апликациите „Камера“ и „Фотографии“. Наводно се подготвува нова секција „Визуелна интелигенција“, која би добила сопствен режим на работа во апликацијата „Камера“. Технологијата би користела препознавање објекти преку системите на „Гугл“ за пребарување слики и би обезбедувала подетални информации за содржината што корисникот ја фотографира.
Апликацијата „Фотографии“, исто така, ќе добие плејада од АИ-новитети. Меѓу нив се споменуваат автоматски предлози за подобрување на фотографиите, отстранување на несакани објекти и напредно уредување слики со помош на обични текстуални команди.
„Епл“ наводно подготвува и значајни подобрувања за апликацијата „Имиџ плејграунд“ (Image Playground). Се очекува поквалитетно генерирање слики, поголем избор на уметнички стилови, подобра доследност при приказот на ликовите и поедноставно уредување преку опцијата за опишување на саканите промени со природен јазик. Се појавија и информации за нови АИ-позадини, како и систем кој автоматски би предложувал персонализирани „Џенмоџиња“ врз основа на содржината што корисникот ја создава или ја споделува.
Новости би требало да добие и апликацијата „Епл волет“. Меѓу најинтересните функции се издвојува алатката за делење сметки, која би овозможила фотографирање на сметката и автоматско генерирање барања за плаќање до повеќе лица. Се споменува и опцијата „Креирај пропусница“, со која корисниците би можеле да ги претвораат физичките билети, членските картички и другите документи во дигитални пропусници зачувани во „Волет“.
Освен тоа, се очекуваат и нови верзии на оперативните системи macOS, iPadOS, visionOS, watchOS и tvOS. Повеќето гласини укажуваат на дополнителна интеграција на вештачка интелигенција, унапредени можности на асистентот Сири, како и низа подобрувања на стабилноста и продуктивноста на сите уреди на „Епл“.
Доколку се оствари барем дел од овие очекувања, ВВДЦ 2026 би можел да биде еден од најважните настани на „Епл“ во последните години, а потврда за тоа дали сите наведени информации се точни ќе добиеме вечерва во 19 часот.