Александар Вулин, претседателот на Надзорниот одбор на Србијагас и лидер на Движењето на социјалистите, се огласи преку видеопорака на Инстаграм директно од Москва, ден откако авионот со кој патуваше беше вратен на белградскиот аеродром. Тој категорично ги отфрли шпекулациите дека побегнал, нагласувајќи дека во Русија отпатувал на серија состаноци со важни претставници на руската држава и стопанство, со цел продолжување на гасниот аранжман меѓу Србија и Русија.

Вулин остро ги критикуваше наводите дека авионот бил вратен поради негово непочитување на безбедносните процедури, нарекувајќи го тоа лага. „По цела ноќ изживување на новата власт, еве јас сепак сум во Москва. Ова беше ноќ на лаги и насилство, во која малтретираа повеќе стотици луѓе во авионот поради свои политички потреби“, изјави тој, додавајќи дека се ширеле бесскрупулозни невистини оти во рачниот багаж носел милиони евра и десетици килограми злато.

Поранешниот министер потенцираше дека не би заминал никаде без своето семејство. „Оние кои твитаат веројатно немаат семејства, бидејќи да имаат деца би знаеле дека без нив не може никаде да се замине. Можеш да отидеш на натпревар, но без своите синови да живееш не можеш! Како што не можеш да живееш ниту без Србија“, порача Вулин. Тој најави дека на средбите во Москва ќе моли секој од соговорниците да биде благонаклонет кон Србија и да се продолжи гасниот договор.

Инаку, летот ЈУ134 на „Ер Србија“ полета во вторникот навечер од аеродромот „Никола Тесла“ кон Москва, но истата вечер беше вратен назад поради, како што беше соопштено, безбедносни причини. Според српските медиуми, покрај Вулин, на летот биле и директорот на Србијагас, Душан Бајатовиќ, како и претседателот на Српската народна партија, Ненад Поповиќ. Откако се појавија информации дека авионот бил вратен бидејќи Вулин не поминал безбедносни проверки, тој самиот ги демантираше таквите тврдења.