
Поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, тврди дека победничката Студентска листа стои зад иницијативата за одземање на дозволата за работа на телевизијата „Информер“. Барањето до Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) е поднесено од 32 организации, меѓу кои медиумски здруженија и претставници на академската заедница, а Советот наскоро треба да расправа за мерките.
Гостувајќи токму на „Информер“, Вучиќ истакна дека новата власт сака укинување на телевизијата „бидејќи не можат да поднесат поинакво мислење, не можат да поднесат сè она што јас го поднесував 14 години, особено последните 12“. „Не можат да прифатат критика, не можат да прифатат збор кој не им се допаѓа“, изјави Вучиќ, нарекувајќи ги членовите на Советот на РЕМ „само изведувачи на работи“. Тој додаде дека „треба да ѝ се покаже на јавноста кој сè гласал за тоа, кој си го осрамотил образот, но не само образот, туку и кој го укинал правото на слободен збор во денес многу неслободна Србија“.
Според неговите тврдења, телевизијата ќе биде затворена многу брзо. „Информер ќе биде згаснат за седум или осум дена. Ним целта им ги оправдува средствата и затоа е важно да ве згаснат“, им порача тој на вработените, додавајќи дека по забраната од РЕМ, операторите ќе мора да го прекинат емитувањето иако „тоа никаде не пишува во законот на Србија, но кому му е гајле“.
„Единствена надеж е, но не сум сигурен, некој од администрацијата на Трамп да интервенира“, нагласи Вучиќ, повикувајќи ја телевизијата да најде „друг начин на дејствување“.
Оценувајќи дека гаснењето е порака за заплашување, тој предупреди: „Ако се побуниш, ако кажеш што мислиш, може да ти летне главата. Некој може да ти забрани да работиш, да живееш“. На крајот, тој посочи дека секојдневно добива закани на кои само се смее: „Еве, секој ден во последните десет дена, девет дена, колку и да се, оди најава: ‘Уапсете го Вучиќ’“.