Вишите судови во Белград и Нови Сад ги објавија имињата на 23 од 49-те лица што Александар Вучиќ ги помилува на денот на оставката. Меѓу нив се Дијана Хркаловиќ, возачот кој удри студентка и луѓе обвинети за напади врз демонстранти.

Одлуките за помилување Вучиќ ги донесе на 27 септември, но Министерството за правда им ги достави на судовите дури на 2 ноември, повеќе од еден месец подоцна. Судовите потоа ги објавија имињата на лицата против кои пред нив се водеше постапка, пренесуваат српските медиуми. Идентитетот на преостанатите 26 помилувани лица и понатаму не е познат.

Ниту самиот Вучиќ не беше прецизен. „Постојат помилувања на оние 47 или 49, не знам точно колку“, рече тој во гостувањето на ТВ Пинк, пренесува N1.

Вишиот суд во Белград објави пет имиња. Најпозната е Дијана Хркаловиќ, поранешна државна секретарка во МВР на Србија, ослободена од кривично гонење за трговија со влијание. Првостепено беше осудена на една година и четири месеци затвор, но Апелациониот суд ја укина пресудата и наложи ново судење, кое беше закажано за 18 ноември. Според пишувањето на КРИК, на Хркаловиќ ѝ се судеше поради тоа што во три случаи влијаела врз колеги да ги попречуваат истрагите.

Помилуван е и Марко Павловиќ, обвинет за обид за тешко убиство на студентката Соња Поњавиќ. Според обвинението, Павловиќ на 16 јануари 2025 година во Белград, на раскрсницата меѓу Рузвелтова и Улицата Кралица Марија, со автомобил поминал низ граѓаните собрани да им оддадат почит на жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад и удри студентка, која беше тешко повредена. Павловиќ негираше дека имал намера да убие. Завршните зборови беа изнесени минатата недела, а пресудата требаше да биде изречена на 6 ноември.

На белградскиот список е и поранешната претседателка на Вишиот суд во Ниш, Драгана Живадиновиќ, ослободена од гонење за злоупотреба на службената положба и фалсификување службена исправа. Беше уапсена во октомври 2023 година поради сомнение дека за одлука за условен отпуст добила хотелски ваучер во вредност од 112.700 динари, пишува N1. Помилувани се уште Небојша Ѓокиќ, кому му се судеше за перење пари, и Милош Дугалиќ, ослободен од понатамошно издржување на затворската казна.

Вишиот суд во Нови Сад објави 18 имиња. Меѓу нив се Стевица Киш, Александар Коциќ, Огњен Станковиќ и полицаецот Немања Нарачиќ. Ним им се судеше поради тепачка во декември 2024 година, откако двајца мажи со „порше“ се обидоа да минат низ граѓаните кои им оддаваа почит на загинатите под настрешницата.

Помилуван е и Горски Матовиќ, обвинет дека во февруари оваа година на протест во Нови Сад удрил студент во главата, како и ортопедот од Клиничкиот центар на Војводина, Игор Елез, уапсен во 2020 година поради сомнение дека примал мито.

На истиот список се наоѓаат и 12 новосадски активисти од движењата СТАВ и ПСГ, меѓу кои е и Мила Пајиќ. Тие беа обвинети за подготовка на дела против уставното уредување. Дел од нив, вклучително Пајиќ и Доротеја Антиќ, повеќе од една година престојуваат во егзил во Хрватска. „Од Вучиќ ништо не ни очекував“, изјави за Danas Бранислав Ѓорѓевиќ, кој вели дека помилувањето ниту го барале.

Според пишувањето на неделникот Vreme, Вучиќ ги претстави помилувањата како гест кон двете страни. Дванаесет лица ја сочинуваат новосадската група, а 11, според неговите зборови, во инцидентите учествувале „од другата страна“.

Најмногу реакции предизвика помилувањето на Павловиќ. Студентите во блокада ја оценија одлуката како неприфатлива и предупредија дека помилувањето станува политичко средство. „Помилувањето е исклучителен правен институт, кој мора да се применува во ретки и оправдани ситуации“, порачаа студентите, барајќи од идната власт јасни критериуми. Пораката ја завршија со зборовите „Да не се повтори“.

Спорен е и начинот на кој се донесени помилувањата. Професорката на Правниот факултет во Белград, Вања Бајовиќ, предупреди за N1 дека аболицијата, односно ослободувањето од кривично гонење, според Законот за помилување може да се даде само по службена должност и исклучиво на предлог на министерот за правда. Министерството за правда, според пишувањето на Danas, соопшти дека не учествувало во составувањето на списокот. Доколку немало предлог, вели Бајовиќ, станува збор за „автоматски правно ништовен акт“.

Истото го тврди и поранешната претседателка на Врховниот суд на Србија, Вида Петровиќ Шкеро. За Nova.rs вели дека помилувањата се незаконски, а со тоа и ништовни, доколку постапката не е испочитувана. Вучиќ, од друга страна, тврди дека неговите политички противници одлуките за помилување не можат да ги поништат.

Претседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ, претходно поднесе кривична пријава против Вучиќ поради пречекорување на службените овластувања. Вишото јавно обвинителство во Белград ја отфрли во октомври, со образложение дека Вучиќ не делувал надвор од уставните овластувања и дека кон пријавата не бил приложен ниту еден доказ.

Списоците на судовите покажаа и дека имињата што за време на кампањата кружеа по социјалните мрежи, меѓу кои Горан Весиќ, Јелена Танасковиќ и Анита Димоски, не се меѓу досега објавените помилувани лица.