
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на својот профил на Инстаграм објави видео во кое се осврна врз заканите по живот упатени до него преку социјалните мрежи. Порача дека не се чувствува загрозено и дека му простува на авторот на снимката, пишува „Anadolu“.
Вучиќ во видеото прво им се обрати на граѓаните и најави снимка за која рече дека ќе ги шокира. Потоа беше прикажан исечок во кој маж со нож директно му се заканува со убиство на претседателот на Србија. Вучиќ во објавата открива дека станува збор за човек од Крагуевац. Српскиот претседател во продолжение вели оти верува дека лицето кое стои зад заканите не е лош човек ниту злосторник, туку дека подлегнало на манипулации.
„Сигурен сум дека тој не е толку лош и дека не е злосторник каков што сака да се прикаже. Ова што го изговори е резултат на манипулација на оние кои, преку своите мејнстрим медиуми, социјални мрежи и со огромни пари однадвор, сакаа да ја разорат нашата сакана татковина и да ја поделија Србија“, рече Вучиќ.
Најави дека ќе се обиде да му помогне на мажот во правна смисла и дека пред надлежните органи ќе изјави оти не се чувствува загрозено. Објасни дека тоа би требало да му помогне на осомничениот во постапката.
„Тоа можам да го направам, не затоа што сум претседател, туку затоа што бев мета на оваа гнусна закана. Ќе кажам дека не се чувствувам загрозено, што сигурно ќе му помогне во постапката. Сигурен сум дека во него се крие добар човек кого некој го завел со страшни лаги“, изјави Вучиќ.
Ги спомена и инфраструктурните проекти во Крагуевац, како северната обиколница, фабриката „Stellantis“, реконструкцијата на пазарот и изградбата на новиот Клинички центар. Изрази надеж дека авторот на снимката ќе го препознае тој напредок.
„Секогаш сум подготвен, дури и на отворањето на делот од обиколницата, да му пружам рака и лично да му простам за сè страшно што изговори. Не сакам да ги делам семејствата ниту Србија. Сакам сите да бидеме обединети во љубовта кон татковината“, заклучи Вучиќ.
Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија соопшти во неделата дека припадниците на криминалистичката полиција и одделот за високотехнолошки криминал, во соработка со обвинителството и крагуевачката полиција, го уапсиле С. С. (1971) од околината на Крагуевац. Тој се товари за кривично дело загрозување на безбедноста.
Се сомничи дека на Фејсбук објавил видеоснимка во која директно му се заканувал со убиство на претседателот Александар Вучиќ и притоа покажувал нож. Од МВР порачаа дека осомничениот со брза акција е лоциран и уапсен. Одредено му е задржување до 48 часа, а потоа со кривична пријава ќе биде изведен пред надлежното обвинителство.