
Довчерашниот српски претседател Александар Вучиќ бил домаќин на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан во Белград во саботата, откако двајцата ја загубија власта на парламентарните избори во своите земји во период од само седум месеци – Орбан по 16 години, а Вучиќ по 14 години.
Вучиќ, кој ја предводеше листата на „Обединета Србија“, предводена од Српската напредна партија (СНС), во недела, 25 октомври, час и половина по затворањето на гласачките места на парламентарните избори, го призна поразот на неговата СНС и убедливата победа на Студентската листа.
По 16 години на власт, Орбан ги загуби изборите во април оваа година од опозициската Тиса предводена од Петер Маѓар.
Вучиќ го пречека Орбан во семејниот дом на неговите родители во близина на Белград. За време на средбата, тој нагласил дека и покрај изборните порази, тие не го изгубиле достоинството, ниту пак нивното пријателство било нарушено.
„Многу ми е мило што можам да го угостам Виктор Орбан, мојот голем пријател, мојот брат. Ќе се забавуваме убаво тука, во куќата на мојот татко, недалеку од Белград. И да, двајцата неодамна ги загубивме изборите, но не го изгубивме нашето достоинство, нашата гордост или нашата вера. Добредојде, Виктор“, рекол Вучиќ во видео што го објавил на Инстаграм.
Орбан одговорил на добредојдето со зборовите „пријателите секогаш остануваат пријатели“ и дека „вистинските пријатели стануваат уште поблиски во тешки времиња“.
„Можеш да бидеш сигурен, Александар, дека секогаш сум на твоја страна. Освен тоа, знаеш дека тоа беше повеќе од само пријателство меѓу нас двајца. Тоа беше голем успех – подобрување на односите, па дури и братство, меѓу Србија и Унгарија, меѓу Србите и Унгарците. Сè уште сум посветен на продолжување по тој пат“, рекол поранешниот унгарски премиер.
Орбан додал дека се надева дека Србите и Србија ќе бидат успешни во иднина и им посака на Вучиќ, неговото семејство и на српскиот народ се најдобро.
„Нека Бог го благослови вашето семејство, вашиот народ и вас“, кажал Орбан.
Вучиќ, прегрнувајќи го Орбан, ја завршил објавата со пораката „Ќе се вратиме!“.