
Американските царински давачки за стоки од Србија се привремено укинати од петокот, а претходната стапка од 35 проценти е намалена на нула, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.
-Добра вест е што од вечерва, по наше време, царинските давачки за Србија се нула проценти, рече Вучиќ во гостувањето во програмата на Радио-телевизија Србија (РТС).
Тој објасни дека по завршувањето на преговорите, царинските давачки веројатно ќе се движат помеѓу 10 и 12 проценти, но дека дотогаш ќе останат на нула, пренесува Анадолу.
САД воведоа царина од 35 проценти за повеќето стоки од Србија во август лани, како дел од поширок пакет таканаречени реципрочни царини од страна на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Трамп првично постави стапка од 37 проценти за Србија во април лани, а потоа ја намали на 35 проценти во јули. Новата стапка почна да се применува на почетокот на август. Србија беше меѓу земјите погодени од највисоките американски царини.
Администрацијата на Трамп тврдеше дека царините имаат за цел да го намалат трговскиот дефицит на САД и да одговорат на наводно неправедните трговски бариери од други земји. Многу економисти ги критикуваа царинските стапки како произволни и премногу поедноставени.