
Врховниот суд ги укина пресудите на тетовскиот Основен и гостиварскиот Апелациски суд за катастрофалниот пожар во модуларната болница во Тетово, во кој на 8 септември 2021 година загинаа 14 лица, и го врати предметот на повторно одлучување, објави порталот 4news.mk.
Ваквата одлука, донесена на 22 октомври 2026 година, следи откако највисокиот суд ги уважи барањата за вонредно преиспитување на правосилните пресуди поднесени од двајцата обвинети, во судскиот документ наведени со иницијалите Ф.Б. и А.Е. Со пресудата на гостиварска Апелација од ноември 2025 година, тие беа правосилно осудени на по три години затворска казна за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“.
Во образложението на Врховниот суд се нотира дека пониските инстанци не ја објасниле доволно причинско-последичната поврзаност помеѓу дејствијата на обвинетите и самата несреќа. Се забележува отсуство на сеопфатна анализа на изведените докази и недостиг на аргументи за конкретниот придонес на обвинетите во избувнувањето и ширењето на огнот. Судот потенцира дека во пресудите не е јасно разграничено дали нивната одговорност лежи исклучиво во необезбедувањето противпожарни апарати или и во други постапки, ниту пак е прецизирано врз кои докази се темели заклучокот дека тие дејствувале како соизвршители.
Посебен акцент во одлуката е ставен врз оценувањето на вештачењата. Врховниот суд го проблематизира фактот што не бил прифатен предлогот на одбраната за време на главната расправа да биде сослушано вештото лице кое ја изработило германската експертиза. Дополнително, се посочуваат и вештачењата кои укажуваат на електричната инсталација, отсуството на противпожарни бариери и лесно запаливите градежни материјали – докази кои пониските судови ги отфрлиле со став дека се однесуваат на околности кои не се опфатени со обвинението.
Оценувајќи дека ваквите сериозни недостатоци ги доведуваат во прашање заклучоците за кривичната одговорност, Врховниот суд му наложува на Основниот суд во Тетово при повторното судење да ги следи овие напатствија и дури потоа да донесе нова одлука. Во меѓувреме, со посебно решение, барањето за вонредно преиспитување поднесено од болницата како обвинето правно лице е отфрлено како недозволено.
Укинувањето на пресудите не значи ослободување од обвинение за инволвираните, туку исклучиво враќање на предметот на повторно разгледување пред првостепениот суд.