Украина постигна договор со британската одбранбена групација BAE Systems за производство на лесни топови L119 на своја територија, што би можело да биде модел за идно производство на друго западно оружје, вклучувајќи ги и американските противвоздушни ракети Patriot, објави американскиот весник „Волстрит журнал“ (The Wall Street Journal).

BAE Systems е британска мултинационална компанија за воздухопловство, вооружување и информациска безбедност со седиште во Лондон. Таа е најголемиот производител во областа на одбраната во Европа и меѓу најголемите производители на воздухопловна и одбранбена опрема во светот.

Украинската компанија ќе започне со производство на пробна верзија од топот L119, кој е високо ценет, мобилен и разновиден влечен артилериски систем.

Тој е многу ефикасен за покривање на пешадијата и неутрализирање на лесен оклоп. Стандардниот калибар е 105 мм НАТО. Максималниот дострел е до 11,4 километри со користење на стандардна муниција или до 19 километри со специјализирана муниција. Брзината на оган е до 15 гранати во минута. Тежок е приближно 1.900 килограми, па може да го влечат и полесни тактички возила како Хамви или да се превезува со хеликоптер како подвесен товар.

Киев веќе неколку години се обидува да развие самостоен капацитет за производство и одржување на западно оружје. Иако украинската индустрија се етаблираше во секторите за дронови и електронско војување, таа е зависна од американските и европските технологии за ракети, радари и сателити.

Неколку западни компании ги објавија своите планови за производство на оружје во Украина, но тоа го отежнуваат безбедносните ризици, недостатокот на инвестиции и загриженоста за правата од интелектуална сопственост.

Производството на L119 ќе биде тест за украинската индустрија, која ќе мора да произведува сложени компоненти како што се цевката, затворачот и хидрауличните системи.

Американскиот весник потсетува дека претседателот на САД, Доналд Трамп, ја поддржа идејата да му се даде лиценца на Киев за производство на ракетите Patriot, додека претседателот на Франција, Емануел Макрон, ја отвори можноста за производство на ракетниот систем „Aster“.

„Aster“ е водечка европска фамилија на ракети земја-воздух што заеднички ја развија Франција, Италија и Обединетото Кралство. Дизајниран е и се гради од конзорциумот Eurosam за одбрана од сè — од дронови и авиони, до надзвучни ракети и балистички закани.