Околу 6.000 припадници на италијанските вооружени сили и безбедносните служби протестираа во саботата во Рим, барајќи повисоки плати, подобри пензии и посилна заштита при работа.

Протестот собра припадници на војската, морнарицата, воздухопловните сили, карабинерите и финансиската полиција. Станува збор за прв заеднички протест што го организираа главните синдикати на италијанскиот одбранбен и безбедносен сектор.

Протестантите низ Рим носеа транспаренти под слоганот: „Секој ден ѝ служиме на Италија. Денес бараме почит“.

Протестот се одржа неколку дена откако владата го обнови колективниот договор за околу 430.000 припадници на војската и безбедносните служби. Новиот договор вклучува бруто-зголемување на платата од 188 евра месечно, еднократна исплата на заостанат долг од 2.448 евра и обврска за отворање преговори за пензиската реформа.

Но, дел од синдикатите одбија да го потпишат договорот, тврдејќи дека тој не ги решава клучните проблеми со платите и пензиите.

Меѓу синдикатите што не го потпишаа договорот се Синафи (Sinafi), Новиот синдикат на карабинерите, Усами Аеронаутика (Usami Aeronautica), Итамил (Itamil) и Силмм (Silmm). Тие бараат реформа на дополнителниот пензиски систем, откажување од плановите за подигнување на старосната граница за пензионирање на 65 години, посилна правна заштита за припадниците на безбедносните служби и зголемување на платите што ќе го следи растот на трошоците за живот.

Исто така, тие бараат и поголеми инвестиции во вработувањето, обуката и модернизацијата на професијата.

„Причините зошто не го потпишавме овој договор и зошто го одбивме се едноставни: она што требаше да го добиеме од економски аспект не е испорачано“, изјави генералниот секретар на Новиот синдикат на карабинерите, Масимилијано Зети.

„Внатре во тие униформи кои работат за државата, под државниот грб, не се силуети, туку семејства, луѓе, жени и мажи кои работат. Праведно е да бидат чесно платени. Безбедноста има цена“, додаде тој.

Иако се ретки, протести на припадниците на полицијата и безбедносните служби во последните години се одржуваа и во други држави на ЕУ.

Во Италија, полициските синдикати протестираа и во 2023 година, барајќи повеќе пари за плати, усогласување на примањата со инфлацијата и нови вработувања поради недостиг на луѓе.

Во Франција, полициските синдикати на почетокот на 2024 година организираа штрајкови и протести барајќи бонуси, како и гаранции за смените и годишните одмори во пресрет на Олимписките игри во Париз.

Во Шпанија, синдикатот Хусапол (Jusapol) повеќепати протестираше барајќи изедначување на платите на Националната полиција и Цивилната гарда со регионалните полициски сили, како што се каталонските Мосос д’Есквадра (Mossos d’Esquadra).

Белгиските полициски синдикати во 2022 и 2023 година организираа протести, блокади на патиштата и таканаречени „бели штрајкови“, вклучувајќи и привремено одбивање да пишуваат казни за помали прекршоци.