Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека војната на САД против Иран досега чинела 37,5 милијарди долари.

Хегсет изнесе нова проценка, која е поголема од претходните, за време на сведочењето пред Комитетот за буџетски средства на Сенатот, каде што се соочува со непријатни прашања и негодување.

Ова е подготовка за буџетскиот пакет на владејачката Републиканска партија од 95 милијарди долари за финансирање на армијата, заедно со помошта за земјоделците и измените на законот за гласање кои се главни приоритети на Белата куќа, пренесува N1.

Противниците неколку пати го прекинуваа воведното излагање на Хегсет, изнесено неколку дена откако Пентагон објави дека уште тројца американски војници загинале во војната со Иран, со што бројот на американските жртви порасна на 17, а бројот на ранети е поголем од 100 од почетокот на јули.

Хегсет рече дека дополнителното финансирање на војната е „итна, неопходна инјекција“, а заедно со предложениот буџет на претседателот Доналд Трамп од 1.500 милијарди долари, претставува „генерациска инвестиција во армијата“.

„Без овие средства, се соочуваме со критични недостатоци“, рече Хегсет.

Сенаторката Пати Мареј, од редовите на опозициските Демократи, во своето воведно излагање предупреди на „уште една вечна војна“ која „сега повторно излегува од контрола“.

Трамп „ни рече повеќе од 40 пати дека договорот е близу и дека војната набрзо ќе заврши“, рече таа и додаде дека тој сега бара уште 70 милијарди долари, а луѓето треба и понатаму да веруваат дека сè ќе заврши во ред.

Финансирањето на војната го прави најголемиот дел од новиот буџетски предлог на Републиканската партија, последниот приоритетен пакет што сакаат да го покренат пред летната пауза, по која следат подготовките за ноемвриските избори за Конгресот кои се одржуваат на средината од мандатот на секој американски претседател.

Пакетот исто така вклучува 10 милијарди долари помош за земјоделците кои се борат со последиците од царинските мерки на Трамп и 10 милијарди долари за измени на изборниот закон, кои најверојатно ќе вклучуваат нови барања за идентификација на гласачите.

Мнозинството Американци и понатаму не го одобруваат начинот на кој Трамп постапува со Иран, според анкетата на AP-NORC.