
Премиерот Христијан Мицкоски побара Јавното обвинителство да отвори постапка за проверка на, како што рече, околу 400 пријави за неквалитетна вода во 2021 година, тврдејќи дека тогашните надлежни институции не презеле ништо за заштита на здравјето на граѓаните.
Одговарајќи на новинарско прашање за критиките од опозицијата во врска со состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, Мицкоски ги обвини поранешните власти дека ги игнорирале пријавите за неисправна вода.
„Во 2021 година, кога претседателот на СДСМ беше министер за здравство, а истата личност која денес излегува на прес-конференции од името на СДСМ беше директор во Институтот за јавно здравје, имаме преку 400 пријави за неквалитетна вода во Гостивар. Ништо не е преземено, нула“, рече Мицкоски.
Тој го повика Обвинителството да ги испита овие наводи и најави дека очекува институцијата веднаш да изврши проверки во Институтот за јавно здравје и во Агенцијата за храна и ветеринарство.
Во меѓувреме, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, тврдеше дека во периодот кога Венко Филипче бил министер за здравство биле регистрирани стотици случаи на неисправна вода за пиење, а јавноста не била информирана.
Според Мицевски, меѓу документите со кои располага партијата има случаи на неисправна вода во повеќе општини, меѓу кои Велес, Кочани, Охрид, Чешиново и Делчево, за кои, како што рече, биле констатирани отстапувања од прописите за безбедност и квалитет на водата. Тој додаде дека случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи и очекува Јавното обвинителство без одлагање да постапи.
На обвинувањата реагираше СДСМ, од каде оценија дека Мицкоски повторно врши притисок врз Обвинителството и ги злоупотребува трагичните настани од минатото за политички цели.
„Криминалецот Христијан Мицкоски повторно се заканува со Обвинителството. Повторно ги злоупотребува семејствата на настраданите во ковид и во модуларната болница. Повторно лажни обвинувања, затоа што е виновен за труење на народот“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата тврдат дека Мицкоски преку јавни настапи се обидува да влијае врз обвинителите, и покрај, како што посочуваат, предупредувањата на Европската комисија за политичко влијание врз правосудството.
СДСМ во реакцијата наведува и дека кривичната пријава против Мицкоски, за која тврдат дека била поткрепена со докази, била отфрлена од Обвинителството, а упатија и низа обвинувања поврзани со јавни набавки, енергетиката, дрога, перење пари и случајот со водоснабдувањето во Гостивар, за кои сметаат дека тој ќе треба да понесе одговорност.
Текстот Водата во Гостивар била загадена и во времето на Филипче, обвинија и премиерот и шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е превземен од А1он.