Иако водата во Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро во најголем дел е безбедна за капење, најновиот извештај на Институтот за јавно здравје открива дека старите проблеми со загадувањето и понатаму не се решени.
Најкритична останува состојбата во Охридското Езеро, каде што како потенцијални загадувачи се наведуваат фекалните води, септичките јами, неисправната канализација и отпадните води од туристичките и угостителските објекти.

Според извештајот, голем број хотели, ресторани, туристички населби и приватни куќи сè уште не се приклучени на колекторскиот систем, поради што дел од отпадните води завршуваат во септички јами, а на одредени места и директно во езерото.
Особено загрижува состојбата во Радожда, каде што дел од септичките јами се наоѓаат непосредно до брегот или се празнат директно во езерската вода.
Како дополнителни извори на загадување се посочени реките Черава, Сатеска, Велгошка и Коселска, атмосферските канали, плажите и неисправниот систем за пречистување во Свети Наум.
И покрај тоа, анализите покажуваат дека во најголем дел од мерните места водата ги исполнува законските критериуми, а најголемиот број плажи имаат оценка „одлична“ или „добра“.

Во Преспанското Езеро ризикот од загадување е оценет како низок, иако дел од отпадните води и понатаму се собираат во попивни јами, а некои викендички немаат соодветен систем за нивно одведување.
Кај Дојранското Езеро најголемата опасност доаѓа од пестицидите и вештачките ѓубрива од околните земјоделски површини, како и од отпадните води и цврстиот отпад што го оставаат посетителите.

Институтот за јавно здравје препорачува целосно ставање во функција на колекторскиот систем, приклучување на сите објекти на канализациската мрежа и редовно следење на квалитетот на водата.
За Дојран се предлага Македонија и Грција заеднички да работат на откривање и спречување на изворите на загадување, додека за Преспа се препорачува подобро управување со отпадните води и отпадот.

Извештајот е објавен само неколку дена пред Комитетот за светско наследство на УНЕСКО повторно да одлучува дали Охридскиот Регион ќе биде ставен на Листата на светско наследство во опасност.
Експертите предупредуваат дека долгогодишното одложување на решавањето на проблемите со загадувањето, дивоградбите и прекумерната урбанизација може дополнително да го загрози еден од највредните природни и културни локалитети во Европа.

The post Водата е безбедна за капење, но фекалните води сè уште ги загрозуваат езерата appeared first on Прва Скопска ТВ.