Во вторник, на 3 ноември, во Младинскиот центар во Струмица ќе се одржи проекција на биографскиот филм „Quasi Grazia“, посветен на животот и творештвото на италијанската писателка Грација Деледа, добитничка на Нобеловата награда за литература во 1926 година. Настанот е закажан со почеток во 18:30 часот.

Проекцијата ја организира Здружението за афирмација на италијанскиот јазик и култура „Кво Вадис Ад Астра“ од Струмица, како дел од одбележувањето на 100-годишнината од доделувањето на Нобеловата награда на Грација Деледа.

Филмот „Quasi Grazia“ (2025), во режија на Питер Марчиас (Peter Marcias), е биографско остварување инспирирано од животот на познатата италијанска писателка, која со своето книжевно творештво оставила траен белег во светската литература. Деледа е единствената италијанска писателка добитничка на ова престижно литературно признание.

Настанот се реализира во рамките на Неделата на италијанскиот јазик во светот и е дел од официјалната програма на Амбасадата на Република Италија во Скопје.

Од здружението „Кво Вадис Ад Астра“ изразуваат благодарност до режисерот Питер Марчиас за поддршката и вниманието посветено на нивната работа, како и до Италијанската амбасада во Скопје за довербата и можноста филмската проекција да биде вклучена во официјалната програма.

Преку овој културен настан, организаторите имаат за цел да го доближат италијанското книжевно и филмско творештво до струмичката публика, истовремено придонесувајќи за зајакнување на културните врски меѓу Македонија и Италија.

Проекцијата е отворена за сите љубители на филмот, литературата и италијанската култура.

The post Во Струмица ќе се одржи проекција на филмот „Quasi Grazia“, посветен на италијанската нобеловка Грација Деледа appeared first on Radio StrumicaNet.