Германската полиција и царина заплениле повеќе од 300 килограми кокаин скриен во гајби со банани на големопродажен пазар во Нирнберг. Вредноста на запленетата дрога на уличниот пазар се проценува на околу 20 милиони евра, соопшти Баварската криминалистичка служба (LKA), пренесува германскиот јавен радиодифузен сервис BR24.

Случајот бил откриен по пријава за обид за провала во големопродажниот пазар во понеделникот, 2 ноември. Поради претходни сознанија за шверц на кокаин преку пратки со овошје од Јужна Америка, во истрагата биле вклучени специјализирани полициски единици, царински истражители и Баварската криминалистичка служба.

Клучна улога во откривањето на дрогата имал вработен во компанија за трговија со овошје, кој забележал дека една гајба со банани е невообичаено тешка. При проверката, во неа биле пронајдени повеќе пакувања со кокаин.

Потоа полицијата и царината пребарале голем број картонски кутии распоредени на вкупно 50 палети. Во нив биле откриени дополнителни количества дрога, со вкупна заплена од над 300 килограми.

Според досегашната истрага, пратката со банани и кокаин пристигнала со товарен брод од Еквадор во холандското пристаниште Влисинген, од каде што продолжила кон Нирнберг.

Истрагата за шверцот ја води Заедничката истражна група за наркотични дроги во Северна Баварија, под раководство на Обвинителството во Нирнберг-Фирт.

Засега не е утврдено кој стои зад обидот за провала во магацинот, ниту дали тој е поврзан со откриената пратка со кокаин.