Во Кичево ќе се гради болница.

Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, градоначалникот на општина Кичево Александар Јованоски и директорката на Општа болница Кичево, Маја Цветановска Трајковска, заедно со делегација на Светска банка, денеска ја посетија болницата во Кичево и разговараа за концептот за изградба на новата болничка установа.

Како што соопшти Министерството за здравство, планираната инвестиција е проценета на околу 1,38 милијарди денари, односно 22,5 милиони евра.

– Кичево со децении се соочува со несоодветни болнички услови. Време е овој проблем да добие трајно и функционално решение. Целта е граѓаните да добијат сигурна здравствена грижа во својот град, а здравствените работници современи услови за работа – изјави Андовски.

Новиот комплекс ќе располага со современи простории за дијагностика, болничко лекување и ургентна нега, системи за медицински гасови и енергетски ефикасни решенија.

Од Министерството додаваат дека болницата ќе обезбедува услуги за населението во општина Кичево и околните места, со што ќе се намали потребата пациентите да патуваат во Скопје, Охрид и во Битола.

„Новата болница треба да стави крај на долгогодишната неизвесност и да обезбеди трајно здравствено решение за Кичево и околината“, соопшти Министерството за здравство.

The post ВО КИЧЕВО ЌЕ СЕ ГРАДИ БОЛНИЦА, ЌЕ ЧИНИ 22,5 МИЛИОНИ ЕВРА Комплекс за дијагностика и за болничка нега appeared first on plusinfo.mk.