
Градот Скопје постави нов билборд на источниот влез во градот наместо претходниот кој содржеше повеќе грешки. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вчера попладнето на својот профил на Фејсбук објави дека печатена грешка е коригирана. Додаде дека корекцијата Градот не го чини ништо и трошоците се на компанијата – изработувач која го постави преку ЈП ,,Улици и патишта”.
Дел од опозицијата не престанува со реакции за првичниот билборд. Истакнуваат дека „коњот Букефал имал пет нозе, Камениот мост бил растегнат до бескрај и опремен со барем четири аркови повеќе од реалното, Скопското Кале заменето со непозната тврдина, а Александар Македонски со капа како бег…“.
„Ништо ново, ВМРО нацијата десетици пати досега низ вода ја пушта, не пак нивните штабски идиоти“, стои во објавата на пратеникот Реџеп Исмаил.
Овој визуелен дебакл според критичарите се случува во период кога Скопје треба интензивно да се подготвува за Европска престолнина на културата во 2028 година. Тие обвинуваат дека наместо професионално претставување со ангажман на вистински македонски дизајнери и уметници, градот се брука со евтин „дигитален кич“.