
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и денеска преку писмено соопштение ја обвини локалната власт во Гостивар, предводена од, како што велат, коалицијата на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, за несовесно раководење со општинските институции поради што над 1 000 граѓани побараа лекарска помош поради симптоми на труење. Колку за потсетување, прогласена е епидемијата на територија на Гостивар.
Тврдат дека случајот ќе има правен епилог и дека нема да заврши како со трагедијата во тетовската Модуларна болница.
„Кандидатот на СДС, ДУИ и Таравари во Гостивар потрфли, а од СДС нема барање на одговорност за овој скандал кој ја потресе државата.
СДС и Филипче не можат да го вперуваат прстот кон Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што кадарот кој тие со Ахмети и Таравари го промовираа и поддржаа на изборите, потфрли.
Но, една работа е многу важна. Овој случај ќе добие правен епилог, нема да заврши како случајот со Модуларната болница каде токму поради Филипче живи изгореа 14 наши сограѓани, а тој не беше повикан ниту на информативен разговор, затоа што неговите судии и обвинители го штитат, и на крај кабелот беше виновен“, порачаа од партијата на власт.
Владата донесе одлука да обезбедува по 50 илјади литри бесплатна вода за пиење дневно за жителите на Гостивар. Надлежните апелираат водата од градскиот водовод да не пие, ниту да се употребува за лична хигиена. Преку службата за општи и заеднички работи ќе се испорачува на седум локации во општината.
Социјалдемократите на терен меѓу гостиварци, повикуваат на брза институционална реакција, истрага и одговорност. Од партијата велат дека немаат никаква улога во управувањето со градот и наместо обвинувања бараат обединување. И локалната власт ќе чека одговор од надлежните институции, дали канализациска вода се измешала со водоводниот систем и е причина за здравствените проблеми на над 1.000 граѓани.