
ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение упати критики до СДСМ поради реакциите на опозициската партија во врска со случајот со Алта банка, обвинувајќи ја дека создава паника и политички ги користи прашањата поврзани со банкарскиот систем. Од владејачката партија сметаат дека опозицијата треба подобро да ги познава надлежностите на институциите, особено улогата на Народната банка и гувернерот во регулирањето на банкарскиот сектор.
„Во СДС прво треба да научат кој за што е надлежен во државата. Јасно е дека во нивно време немаше линии во поделбата на власта, па беа по старото ‘кадија те тужи, кадија те суди’, но еве потсетување дека Народната банка и гувернерот се институцијата која носи одлуки во рамките на своите надлежности за банкарскиот систем“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека СДСМ изнесува неосновани тврдења за можноста проблемите поврзани со Алта банка да се прошират и врз останатите банки. Според нив, надлежните институции комуницираат транспарентно и работат на решение, а гувернерот веќе уверил дека граѓаните нема да претрпат штета.
„Од партијата на Венко сега пак гледаме обиди за создавање на искривени перцепции, дека проблемот можел да се прелее во сите банки, иако од надлежните има транспарентна комуникација и се работи на решение, а гувернерот порача дека граѓаните нема да бидат оштетени“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката партија тврди дека настапите на претставниците на СДСМ во медиумите се дел од, како што наведуваат, однапред подготвена стратегија за ширење паника и политичко спинување. Оттаму ја повикаа опозицијата да престане со политичко профитирање од случајот со Алта банка, посочувајќи дека за неговото решавање се надлежни институциите на банкарскиот систем.